Американскиот технолошки гигант Nvidia го купи стартапот „Кумо“, компанија која развива фундаментални модели за вештачка интелигенција дизајнирани за правење точни деловни предвидувања, објави „Форчн“, повикувајќи се на извори запознаени со договорот.
Според информациите, финансиските детали од зделката не се официјално објавени, но се проценува дека вредноста е околу 400 милиони евра. „Енвидија“, која во последните години агресивно инвестира и презема стартапи од областа на вештачката интелигенција, засега не го коментираше договорот.
Меѓу коосновачите на стартапот се Вања Јосифовски, Хема Рагаван и Јуре Лесковец. Тие веќе се приклучиле на Nvidia уште минатиот месец, според извори блиски до компанијата. Стартапот е основан во Маунтин Вју, Калифорнија, и неговите модели веќе ги користеле големи компании како DoorDash, Reddit и британскиот синџир на супермаркети Sainsbury’s.
Како функционира технологијата
Моделите на „Кумо“ овозможуваат компании да внесат сопствени податоци и веднаш да добијат предвидувања за деловни трендови, ризици и одлив на корисници.
„Со основниот модел, го насочувате кон вашите податоци, дефинирате што подразбирате под одлив и за секунда добивате предвидување“, изјавил еден од коосновачите, Јуре Лесковец, кој е и професор на Универзитетот Стенфорд. Со ова преземање, Nvidia дополнително ја зајакнува својата позиција во областа на вештачката интелигенција, каде конкуренцијата меѓу големите технолошки компании станува сè поинтензивна.