Енергетската криза предизвикана од конфликтот со Иран може да трае со години, предупредуваат економисти и енергетски експерти, со проценки дека цените на горивата нема да се стабилизираат пред 2027 година.
Францускиот бизнисмен Мишел-Едуар Леклер оценува дека кризата ќе продолжи „најмалку шест месеци, а можеби и до следната зима“, додека мнозинството аналитичари делат сличен песимистички став.
Иако администрацијата на Доналд Трамп првично тврдеше дека ефектите ќе бидат краткорочни, американската Управа за енергетски информации на САД ги ревидираше прогнозите и сега очекува повисоки цени на нафтата, бензинот и дизелот во наредните години.
Оштетена инфраструктура и милијардски штети
Воените дејствија сериозно ја нарушија глобалната енергетска инфраструктура. Според податоците на ACLED, од почетокот на конфликтот се регистрирани над 150 напади врз енергетски објекти, од кои најмалку 44 се директно поврзани со нафта и гас.
Проценките на Rystad Energy покажуваат дека штетите би можеле да достигнат меѓу 34 и 58 милијарди долари, што дополнително го одложува стабилизирањето на пазарот
Еден од најголемите ризици за глобалното снабдување останува Ормускиот теснец, преку кој пред војната минуваа околу 20% од светската нафта и течен природен гас. Иако негово повторно отворање би помогнало, аналитичарите предупредуваат дека нормализацијата нема да биде брза. Само за седум недели конфликт, пазарот изгубил повеќе од 500 милиони барели нафта, што значително ги намалило глобалните резерви.
Според Оле Хансен, ова може да ја задржи цената на нафтата на „нова нормала“ од 80 до 85 долари за барел.
ЕУ повикува на енергетски пресврт
Во меѓувреме, Европска комисија предупредува дека кризата треба да го забрза преминот кон обновливи извори на енергија.
Еврокомесарот Дан Јоргенсен оцени дека ситуацијата е „подеднакво сериозна како нафтената криза од 1973 година и војната во Украина во 2022 година заедно“.
Дополнително, Европската унија веќе бележи зголемување на трошоците за увоз на фосилни горива за 24 милијарди евра, а последиците, дури и во најдобро сценарио, ќе се чувствуваат со години.