Дали може да се изневери партнерот со вештачка интелигенција? Прашањето до неодамна звучеше како научна фантастика, но со појавата на AI апликациите што симулираат пријатели, партнери и интимни соговорници, станува сè порелевантно.
За некои парови, ваквите апликации се само уште една форма на забава или алатка за разговор. За други, тие стануваат причина за сериозни конфликти бидејќи емоционалната блискост со четботот се доживува како преминување на границите во врската.
Кога двајца ќе влезат во моногамна врска, обично мораат да договорат што за нив значи неверство. Дали флертот е безопасен? Дали е проблем ако партнерот излезе на кафе со некого? Што е со пријателствата со поранешните партнери? А со гледањето порнографија?
Сега на оваа листа се додава и ново прашање: Каде се вклопува AI партнерот во границите на романтичната врска?
AI партнерите стануваат сè поинтимни
Апликациите како Joi AI, Candy AI и Kindroid им овозможуваат на корисниците да создаваат дигитални ликови со кои разговараат, споделуваат лични работи и постепено развиваат емоционална поврзаност. Некои ги користат за забава, разговор или поддршка во осамени моменти. Други, пак, создаваат односи со AI кои стануваат многу поинтимни.
Токму затоа се отвора дилемата: ако партнерот на виртуелен соговорник му ги кажува работите што не му ги кажува на својот партнер, дали тоа веќе е форма на неверство?
„Се чувствував како да му го крева егото“
Американскиот медиум HuffPost разговарал со луѓе чии партнери користеле AI четботови на начин што тие го доживеале како преминување на границата во врската. Една од нив е 31-годишната Оливија. Таа раскажала дека случајно открила дека нејзиното момче интензивно го користи ChatGPT.
„Не се работеше само за прашања поврзани со нашата врска или поплаки за мене. Стана лично“, раскажала таа, додавајќи дека партнерот со AI споделувал емоционални работи што не ѝ ги кажувал нејзе. „Се чувствував како вештачката интелигенција да му го крева егото“, рекла Оливија. Откритието предизвикало жестока расправија меѓу нив.
Слично искуство имала и 42-годишната Ана, која забележала трошок на заедничката кредитна картичка и открила дека нејзиниот сопруг плаќал за AI апликација со виртуелен придружник. Тој не гледал ништо спорно во тоа и дури ѝ ја покажал апликацијата. За него, „девојката“ во апликацијата била само измислена.
За Ана, сепак, тоа не било толку едноставно. „Се чувствував многу чудно поради неговата ‘девојка’ таму и нивните разговори“, раскажала таа.
За некои луѓе границата е многу појасна
За други, самата идеја партнерот да користи AI за романтични цели е доволна за да ја промени нивната перцепција за него. Дваесет и двегодишната Кели, на пример, решила да не продолжи да се гледа со момче кое признало дека користи AI партнерка за да вежба флертување.
Тоа покажува дека не постои една дефиниција за неверство која важи за сите. Она што за еден пар е безопасна игра, за друг може да претставува сериозно нарушување на довербата.
Зошто луѓето бараат емоционална поддршка од AI?
Џејми Бронштајн, лиценцирана клиничка социјална работничка и советничка за врски, смета дека AI партнерите не мора секогаш да се користат како замена за вистинскиот партнер.
Според неа, тие понекогаш служат за пополнување на одредени празнини што неизбежно постојат во секоја врска.
Со AI соговорникот, луѓето можат слободно да размислуваат „на глас“, да ги исфрлат негативните мисли или да вежбаат тежок разговор пред да го започнат со партнерот. Сепак, Бронштајн советува да се обрне внимание кога и зошто се посегнува по AI.
Дали тоа се случува по кавга со партнерот? Кога човек е осамен, досадно му е или е вознемирен? И дали четботот станува место каде што редовно се бара смирување наместо проблемот да се решава? Ако AI почне да станува главното место за обработување на непријатните емоции, тоа може да биде знак дека во вистинската врска постои незадоволена потреба.
AI како простор за истражување на сопствената интимност
Некои корисници, пак, велат дека со AI полесно разговараат за делови од својата интимност за кои сè уште не се подготвени да зборуваат со друга личност. Според истражување на Joi AI наведено во оригиналниот текст, 61 отсто од корисниците изјавиле дека полесно ги изразуваат сексуалните желби со вештачка интелигенција отколку со друга личност, додека 60 отсто рекле дека AI им помогнал да откријат сексуални интереси за кои претходно не знаеле дека ги имаат.
Но токму тука повторно се поставува прашањето за границите.
Ако партнерот не знае за ваквите разговори, а тие стануваат сè почести и поинтимни, дали станува збор само за технологија или за однос што почнува да ја заменува емоционалната блискост во реалната врска?
„AI е симптом, а не проблемот“
Советничката за врски Сабрина Зохар смета дека паровите прво треба искрено да разговараат за тоа што им недостига во врската. Според неа, користењето AI најчесто не е коренот на проблемот, туку може да биде негов симптом. Дали на човекот му недостига внимание? Дали му треба простор да каже нешто без страв дека ќе биде осуден? Или, пак, избегнува разговор со партнерот што веќе требало да се случи?
Зохар предупредува и на уште една опасност: AI партнерот никогаш нема лош ден, нема сопствени потреби и е дизајниран да биде пријатен и достапен.
Вистинскиот партнер, од друга страна, е човек. И токму тоа е можеби најважната граница. Ако човек почне да му замерува на својот партнер затоа што не е секогаш совршено расположен, внимателен и пријатен како AI соговорникот, тогаш проблемот веќе не е само во технологијата, туку во очекувањата од вистинската врска.