Емиратите градат нов нафтовод за да го заобиколи Ормускиот теснец: Потег што може да ја смени енергетската мапа

Обединетите Арапски Емирати најавија изградба на нов нафтовод до 2027 година за заобиколување на Ормускиот теснец. Потегот доаѓа по глобалниот енергетски шок и растечките тензии во Заливот.

Обединети Арапски Емирати најавија дека до 2027 година ќе изградат нов нафтовод со кој ќе го заобиколат Ормускиот теснец, во обид да обезбедат непречен извоз на нафта и да ја намалат зависноста од еден од најчувствителните енергетски коридори во светот.

Одлуката доаѓа во момент кога блокадата на Ормускиот теснец влегува во единаесеттата недела, предизвикувајќи силен раст на цените на енергенсите и нов притисок врз светската економија. Пред војната со Иран, низ теснецот поминуваа околу 20 проценти од светскиот транспорт на нафта и течен природен гас.

Според британскиот The Guardian, престолонаследникот на Абу Даби, Шеик Калед бин Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, ѝ наложил на државната нафтена компанија да ја забрза реализацијата на проектот за транспорт на нафта до пристаништето Фуџаира, кое се наоѓа надвор од Ормускиот теснец.

Се очекува новиот нафтовод значително да го зголеми извозниот капацитет на Емиратите и практично да го удвои капацитетот на постојниот нафтовод Habshan-Fujairah, кој во моментов транспортира до 1,8 милиони барели дневно.

Нов енергетски баланс во Заливот

УАЕ и Саудиска Арабија се единствените земји од Заливот кои имаат нафтоводи што овозможуваат извоз надвор од Ормускиот теснец. Најавата за новиот проект доаѓа само неколку недели откако Емиратите по шест децении членство го напуштија ОПЕК, потег што аналитичарите го толкуваат како јасен сигнал за продлабочување на разликите со Ријад.

Додека Саудиска Арабија традиционално се залага за строги квоти за производство со цел да се одржуваат високите цени на нафтата, Емиратите сакаат поголем извоз и поголема флексибилност на глобалниот пазар.

Геополитичка порака до Иран

Новиот нафтовод има и јасна геополитичка димензија. Со него УАЕ ќе може да продолжи со извозот дури и во случај на продолжување на конфликтот со Иран или нови блокади во Персискиот Залив. Ако капацитетот навистина достигне 3,6 милиони барели дневно, Емиратите значително ќе се приближат до извозните можности на Саудиска Арабија, која преку своите нафтоводи кон Црвеното Море може да транспортира околу 7 милиони барели дневно.

Енергетските експерти предупредуваат дека кризата околу Ормускиот теснец веќе ја менува глобалната стратегија на земјите производители на нафта, кои сè повеќе бараат алтернативни рути за извоз и поголема независност од нестабилните поморски коридори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс