Исламскиот проповедник Елведин Пезиќ, кој минатата година одржа верски настани во Струга и Октиси, е протеран од Косово откако бил приведен непосредно пред планирана промоција на книга. Пезиќ со години предизвикува реакции во јавноста со крајно конзервативните ставови за положбата на жените.
Елведин Пезиќ, исламски проповедник од Босна и Херцеговина, на 13 август бил приведен во Витомирица кај Пеќ, непосредно пред планирана промоција на книга, а следниот ден бил протеран од Косово.
Пезиќ требало да одржи уште две трибини, во регионот на Исток и во Призрен. На 14 август преку граничен премин со Црна Гора ја напуштил територијата на Косово.
Косовските власти досега јавно не ја соопштија конкретната причина поради која бил протеран.
Минатата година проповедаше во Струга и Октиси
Проверката на неговите претходни активности покажува дека Пезиќ гостувал и во струшкиот регион.
На 8 август 2025 година, во организација на Фондацијата „Зеќат“, тој бил најавен како предавач на два настани. Првиот бил хутба во Долна џамија во Октиси, а истиот ден во 21 часот била организирана јавна трибина во спортската сала „Тими“ во Струга.
Настаните биле најавувани и преку неговите профили на социјалните мрежи со повик до граѓаните да присуствуваат. На интернет е достапна и снимка од негово предавање во Долна џамија во Октиси.
Пезиќ не е имам на конкретна џамија, туку независен исламски проповедник и верски предавач со голема публика на интернет. Организаторот на неговиот неодржан настан на Косово, Реџо Којиќ, изјавил дека Пезиќ не е имам во ниту една џамија. Радио Слободна Европа го опишува како еден од конзервативните проповедници кои себеси се определуваат како салафии.
Објаснувал кога мажот може да ја удри сопругата
Особено остри реакции во јавноста предизвикаа ставовите на Пезиќ за жените.
Во видео објавено на интернет, тој зборува за ситуација во која маж може да ја удри сопругата и тоа го опишува како трета „воспитна метода“, откако претходно, според неговото толкување, не успеале разговорот и ускратувањето интимност.
Пезиќ објаснува дека ударот не треба да биде во лице, да не остава модринки и да не остава видливи траги. Снимката, како и неговите повторени објави на оваа тема, предизвикаа силни реакции во Босна и Херцеговина.
Тој предизвика полемики и со ставот дека западното општество морално се урнало кога жената излегла од домот и станала, како што тој формулирал, нешто друго освен мајка. Во други објави зборувал и за ограничувања во начинот на кој жените треба да се облекуваат и да се појавуваат во јавност.
Кој е Елведин Пезиќ?
Пезиќ е роден во 1977 година во Травник, а образование стекнувал во Обединетите Арапски Емирати, Јордан и на Исламскиот универзитет во Медина.
Во 2023 година на Факултетот за исламски студии во Нови Пазар одбранил докторска дисертација поврзана со електронската трговија и мрежниот маркетинг од аспект на исламското право.
Со години е активен преку предавања, книги и социјални мрежи, каде има стотици илјади следбеници.
Исламската заедница на Косово не дала дозвола за неговите активности
Исламската заедница на Косово соопштила дека не била информирана за доаѓањето на Пезиќ и дека не дала дозвола или согласност за неговите верски активности.
Од институцијата нагласиле дека секоја верска активност во верски или други простории треба да има одобрение од надлежната верска заедница.
Сепак, точната правна основа по која Пезиќ бил протеран останува непозната. Радио Слободна Европа повеќепати побарало објаснување од косовската полиција, но до објавувањето не добило одговор.
Поради тоа, тврдењата дека бил протеран конкретно поради ширење одредена идеологија засега не можат да се третираат како официјално потврдена причина.