Екстремните топлотни бранови и сушата што ова лето погодуваат големи делови од Европа би можеле речиси целосно да го поништат очекуваниот економски раст на Европската Унија во 2026 година, покажува студија на холандската „Триодос банка“.
Според извештајот на банката, која е специјализирана за финансирање одржливи проекти, последиците од високите температури би можеле да го намалат бруто-домашниот производ на ЕУ за околу еден процент. Тоа би значело директна економска загуба од приближно 180 милијарди евра.
Главната причина за загубите е намалената продуктивност на работниците поради високите температури. Само овој фактор, според проценките, би можел да го намали БДП на Унијата за околу 0,6 проценти.
Истовремено, се очекува земјоделското производство да се намали меѓу три и седум проценти, што дополнително би можело да влијае врз цените на храната.
Студијата предупредува и на дополнителни економски последици од екстремните временски услови. Меѓу нив се растот на цените на храната, ограничувањата во производството на електрична енергија и повисоките цени на струјата, како и сериозните нарушувања во патниот, железничкиот и речниот транспорт.
Најголеми последици се очекуваат во Франција, каде честите топлотни бранови би можеле да го намалат БДП за 1,4 проценти и да придонесат економската активност во текот на годината да забележи вкупен пад од 0,6 проценти.
Значителни економски загуби се прогнозираат и за Италија, Шпанија и Белгија, додека земји како Полска би требало да почувствуваат поблаги последици.
Европската комисија претходно прогнозираше економски раст на ЕУ од 1,1 процент во 2026 година, додека Меѓународниот монетарен фонд очекува раст од 0,9 проценти во еврозоната.
Доколку проценките за економските последици од горештините се остварат, екстремното лето би можело практично да го „изеде“ најголемиот дел од очекуваниот економски раст во Европа.