Експлозија во рудник за јаглен во Кина: загинаа најмалку 90 рудари

Најмалку 90 рудари загинаа во експлозија на гас во рудник за јаглен во покраината Шанкси во северна Кина, а спасувачката операција продолжува.

Најмалку 90 лица загинаа во експлозија во рудник за јаглен во северна Кина, објавија државните медиуми. Несреќата се случила во рудникот Лиушенју, управуван од групацијата „Тонгжу“, во покраината Шанкси.

Според првичните информации, станува збор за експлозија на гас. Во моментот на несреќата во рудникот биле на должност 247 работници.

Кинеското Министерство за управување со вонредни состојби испрати 345 лица, организирани во шест спасувачки екипи, за да помогнат во операцијата на терен. Спасувачките активности сè уште се во тек.

Кинескиот претседател Шји Џинпинг повика да не се штеди ништо во напорите за лекување на повредените и потрагата по преживеани. Тој побара и детална истрага за причините за несреќата, како и утврдување одговорност.

Според државните медиуми, службени лица поврзани со управувањето на рудникот се приведени. Причината за експлозијата сè уште не е официјално утврдена, но е објавено дека во рудникот биле регистрирани зголемени нивоа на јаглерод моноксид, високотоксичен гас без мирис.

Кина е најголемиот производител и потрошувач на јаглен во светот. Иако безбедносните стандарди во последните години се заострени, рударските несреќи и натаму остануваат сериозен ризик, особено во постари рудници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс