Астрономите пронајдоа најсилен доказ досега дека планети надвор од нашиот Сончев систем имаат магнетни полиња, слично како Земјата и дел од планетите во нашиот систем.
Откритието се базира на набљудување на ветровите на седум големи и екстремно жешки гасовити егзопланети. Според научниците, нивното атмосферско однесување не може лесно да се објасни без присуство на магнетно поле.
Иако овие планети не се кандидати за живот, откритието е важно затоа што магнетното поле може да биде еден од факторите што помагаат една планета да ја зачува својата атмосфера на долг рок. А без атмосфера, нема стабилен притисок, регулирање на температурата ниту услови за течна вода каква што постои на Земјата.
Седумте егзопланети припаѓаат на типот „жешки Јупитери“ — огромни гасовити планети, по големина и состав слични на Јупитер, но многу потопли. Тие орбитираат исклучително блиску до своите ѕвезди, поблиску отколку што Меркур е до Сонцето.
Поради тоа, едната страна им е постојано свртена кон ѕвездата, додека другата секогаш останува во темнина. На такви планети дуваат силни ветрови од жешката „дневна“ страна кон постудената „ноќна“ страна.
Научниците очекувале најжешките планети да имаат и најсилни ветрови, бидејќи добиваат повеќе енергија од своите ѕвезди. Но, набљудувањата покажале нешто спротивно.
„Она што би го очекувале е планетите со повисоки температури да имаат посилни ветрови. Но, ние гледаме спротивно“, изјави астрономката Џулија Зајдел од Лабораторијата Лагранж при Опсерваторијата на Азурниот Брег во Ница, главна авторка на истражувањето објавено во Nature Astronomy.
Според неа, најтоплите планети имаат послаби ветрови од очекуваното, што значи дека енергијата внесена од ѕвездата мора да се троши на друг начин. Најверојатното објаснување е интеракција меѓу магнетното поле и наелектризираните честички во атмосферата.
Ветровите на овие егзопланети сепак се екстремни — достигнуваат брзина и до 25.000 километри на час, што е повеќе отколку на Јупитер.
Истражувачите велат дека не е изненадување ако егзопланети имаат магнетни полиња, бидејќи повеќето планети во нашиот Сончев систем ги имаат. Но, досега било тешко да се пронајдат убедливи докази.
„Не набљудуваме само една егзопланета, туку цела група и гледаме јасен тренд“, вели Зајдел.
Во нашиот Сончев систем, магнетни полиња имаат Земјата, Јупитер, Меркур, Сатурн, Уран и Нептун. Венера и Марс немаат глобално магнетно поле. Марс некогаш го имал, но го изгубил пред милијарди години, по што останал со многу ретка атмосфера.
Магнетното поле не е единствениот услов за живот, но може да биде важно за развојот на една планета. Тоа може да помогне во заштита на атмосферата од влијанието на ѕвездениот ветер и да влијае врз тоа дали планетата ќе остане стабилна и потенцијално погодна за живот низ долг временски период.
Откритието не значи дека овие седум планети се населиви, но отвора важна врата за разбирање на егзопланетите. Ако научниците можат да препознаат магнетни полиња на далечни гасовити светови, во иднина можеби ќе можат истото да го направат и кај карпести планети слични на Земјата.