Еден збор на декларацијата открива дали храната смее да се јаде по истекот на рокот

Според податоците на Европската комисија, до 10 проценти од храната што се фрла во Европската Унија е поврзана со погрешното разбирање на ознаките за рокот на употреба

Истечен рок не значи секогаш дека храната мора веднаш да се фрли. На декларациите најчесто се среќаваат две ознаки – „употребливо до“ и „најдобро употребливо до“. Иако звучат слично, тие имаат сосема различно значење, а токму оваа разлика може да биде важна и за здравјето и за намалувањето на отпадот од храна.

Според податоците на Европската комисија, до 10 проценти од храната што се фрла во Европската Унија е поврзана со погрешното разбирање на ознаките за рокот на употреба. Во ЕУ годишно се фрлаат околу 88 милиони тони храна, а дел од производите се отстрануваат иако сè уште можат да бидат безбедни за консумирање.

Ознаката „употребливо до“ се однесува на безбедноста на храната. Таа најчесто се користи за лесно расипливи производи како свежо месо, свежа риба, свежо млеко, готови салати и меки сирења. По истекот на овој датум, храната не треба да се консумира, дури и ако изгледа и мириса нормално. Причината е што во неа можат да се размножат штетни бактерии кои не мора да предизвикаат промена во изгледот, мирисот или вкусот.

Сосема поинакво значење има ознаката „најдобро употребливо до“. Таа се однесува првенствено на квалитетот и означува датум до кој производот, доколку е правилно чуван, би требало да ги задржи оптималниот вкус, мирис, текстура и други карактеристики. Оваа ознака често се користи кај производи со подолг рок на траење, како тестенини, ориз, конзервирана храна, брашно, зачини и бисквити.

Кај овие производи, поминувањето на датумот не значи автоматски дека храната е небезбедна. Можно е со текот на времето да се намали нејзиниот квалитет, но производот може и понатаму да биде безбеден доколку бил правилно складиран и амбалажата не е оштетена.

Затоа, следниот пат кога ќе забележите дека на некој производ му поминал рокот, прво погледнете што точно пишува на декларацијата. „Употребливо до“ е предупредување поврзано со безбедноста и по тој датум производот не треба да се јаде. „Најдобро употребливо до“, пак, се однесува на квалитетот и не значи дека храната веднаш станува опасна за консумирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс