ЕЦБ ги избра банките што ќе го тестираат дигиталното евро: Revolut, Deutsche Bank, UniCredit и уште 32 компании во пилот-проектот

Европската централна банка избра 36 банки и финтек компании што ќе го тестираат дигиталното евро. Пилот-проектот започнува во 2027 година, а меѓу учесниците се Deutsche Bank, UniCredit, Revolut, NLB и Stripe.

Европската централна банка (ЕЦБ) направи значаен чекор кон воведување на дигиталното евро, објавувајќи ја листата на 36 банки и финтек компании кои ќе учествуваат во пилот-проектот за тестирање на новата европска дигитална валута.

Меѓу избраните се некои од најголемите европски финансиски институции, како Deutsche Bank, UniCredit, Raiffeisen Bank, Нова Љубљанска банка (NLB) и Piraeus Bank, како и познати финтек компании Revolut, Stripe, Satispay и Nexi Payments.

Пилот-тестирањето започнува во 2027 година

Според ЕЦБ, пилот-фазата ќе започне во втората половина на 2027 година и ќе трае една година. Во текот на тестирањето ќе се проверуваат техничките можности на дигиталното евро, неговата безбедност, функционалност и практичната употреба во секојдневните плаќања пред да се донесе одлука за евентуално официјално воведување

За пилот-проектот ќе биде користена бета-верзија на дигиталното евро, која ќе биде речиси идентична со решението предвидено во европското законодавство. Во тестирањето ќе учествуваат вработени во Европската централна банка, националните централни банки од еврозоната, како и избрани трговци, меѓу кои онлајн продавници, ресторани и кафулиња.

Учесниците ќе можат да тестираат повеќе начини на плаќање – трансфери меѓу корисници, плаќања во физички продавници и онлајн купување.

Голем интерес од банките и финтек секторот

Од ЕЦБ соопштија дека интересот бил значително поголем од очекуваното, бидејќи на јавниот повик пристигнале повеќе од 50 апликации. Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, изјави дека силниот интерес покажува оти банките и финтек компаниите сакаат активно да учествуваат во создавањето на идниот европски систем за дигитални плаќања.

Според него, партнерството меѓу традиционалните банки и технолошките компании ќе биде клучно за развој на безбеден, ефикасен и модерен платежен систем во Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс