Ебола се шири во Конго: потврдени над 300 случаи, 48 лица починале

Во Демократска Република Конго се потврдени над 300 случаи на ебола и 48 смртни случаи. Епидемијата зафати 23 здравствени зони, а во Бунија е отворен нов центар за лекување.

Бројот на потврдени случаи на ебола во Демократска Република Конго надмина 300, а досега од последиците од инфекцијата починале 48 лица, соопшти Министерството за здравство на земјата.

Епидемијата продолжува да се шири и веќе зафатила 23 здравствени зони во покраините Итури, Северен Киву и Јужен Киву.

Најтешка е состојбата во покраината Итури, која со години се соочува со сериозни безбедносни проблеми. Таму се потврдени повеќе од 260 случаи на зараза.

Здравствените власти предупредуваат дека борбата против епидемијата ја отежнуваат недовербата кај дел од населението, отпорот кон здравствените мерки, како и ширењето гласини и дезинформации. Овие проблеми се особено изразени во Бунија, главниот град на покраината, и во градот Низи на североистокот на земјата.

И покрај тешката состојба, властите соопштија дека четворица пациенти се излекувани и отпуштени од Евангелистичкиот медицински центар во Бунија.

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, вчера ја заврши посетата на Конго, каде разговараше со претседателот Феликс Чисекеди за одговорот на епидемијата предизвикана од сојот Бундибугио.

Здравствените власти и меѓународните партнери отворија нов центар за лекување со 60 кревети во Бунија, а паралелно се спроведуваат и испитувања на вакцини.

Владата соопшти дека аеродромот во Бунија повторно е отворен за редовен сообраќај, откако биле поставени дополнителни системи за здравствен надзор на патниците при пристигнување и заминување.

Аеродромот претходно беше затворен за целиот сообраќај, освен за хуманитарни летови. Властите очекуваат неговото повторно отворање да помогне во побрза достава на медицинска помош, опрема и тимови за справување со епидемијата.

Актуелната епидемија официјално беше прогласена на 15 мај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс