Starlink влегува на мобилниот пазар: СпејсИкс подготвува нова услуга што ќе им конкурира на Verizon, AT&T и T-Mobile

СпејсИкс планира да лансира мобилна услуга Starlink за американските корисници. Компанијата на Илон Маск размислува и за изградба на сопствена мобилна мрежа во САД.

Компанијата СпејсИкс подготвува нов чекор во развојот на своите телекомуникациски услуги, со план да лансира мобилна услуга Starlink за американските потрошувачи. Доколку проектот се реализира, компанијата на Илон Маск директно ќе им конкурира на најголемите мобилни оператори во САД – Verizon, AT&T и T-Mobile.

Според информациите на „Фајненшл тајмс“, СпејсИкс веќе нуди директна мобилна поврзаност преку партнерството со T-Mobile, овозможувајќи дополнителна покриеност од сателити, особено во руралните и тешко достапните области. Следниот чекор, според извештајот, е лансирање на малопродажна мобилна услуга под брендот Starlink. Компанијата, наводно, разгледува и можност за изградба на сопствена копнена мобилна мрежа во САД, што би ѝ овозможило целосно самостојно да настапи на пазарот.

Овие планови ги претставила претседателката на СпејсИкс, Гвин Шотвел, за време на неодамнешна средба со инвеститори, каде што биле разгледувани идните стратегии за проширување на компанијата. За да го забрза развојот на новите услуги, СпејсИкс минатата година купи лиценци за безжичен спектар од компанијата EchoStar. Првата трансакција, вредна околу 17 милијарди долари, беше реализирана во септември, а потоа следуваше уште една во вредност од 2,6 милијарди долари. Со овие лиценци компанијата доби можност побрзо да развива директна сателитска поврзаност со мобилни телефони.

Аналитичарите сметаат дека ваквиот потег може значително да ја промени американската телекомуникациска индустрија. Брокерската куќа Oppenheimer неодамна оцени дека СпејсИкс има потенцијал да направи големи промени на пазар вреден околу 1,6 трилиони долари, благодарение на брзото ширење на услугите на Starlink.

Вредноста на СпејсИкс во голема мера се темели токму на Starlink, кој веќе има повеќе од 10 милиони претплатници ширум светот, како и на бизнисот со лансирање ракети, кој според аналитичарите целосно го промени начинот на пристап до вселената.

е-Трн да боцка во твојот инбокс