ДЗС предупредува: во јули имало по околу 15 пожари дневно, доволна е само една искра

Во јули во просек дневно биле регистрирани по околу 15 пожари на отворено. ДЗС предупредува дека високите температури и ветерот создаваат ризик од брзо ширење на огнот.

Во текот на јули во просек дневно биле регистрирани по околу 15 пожари на отворен простор, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Од ДЗС посочуваат дека благодарение на навремените интервенции на пожарникарите, како и поддршката од воздухопловните средства на Дирекцијата, сите пожари биле успешно ставени под контрола и изгаснати.

Врнежите помогнаа, но опасноста останува

Врнежите во изминатиот период придонеле за намалување на бројот на пожари и го успориле нивното ширење, но од ДЗС предупредуваат дека периодот со врнежи завршил.

„Високите температури, ниската влажност на воздухот и променливиот ветер создаваат услови за брзо настанување, ширење и тешко гаснење на пожарите на отворен простор. Доволна е само една искра“, предупредуваат од ДЗС.

Апел до граѓаните за максимална внимателност

Од Дирекцијата нагласуваат дека најголемиот број пожари настануваат ненамерно. Граѓаните најчесто немаат намера да предизвикаат пожар, но едно невнимание може да доведе до сериозни последици.

Од ДЗС апелираат граѓаните да не фрлаат отпушоци од цигари на отворен простор, особено од возила во движење, да не палат огнови и скари во шуми и на места со сува вегетација и да ја исчистат сувата трева и грмушките околу домовите и викендичките.

Посебно предупредуваат да не се палат стрништа и пасишта, бидејќи со тоа се загрозуваат човечки животи и имот, а сторителите ќе бидат санкционирани.

Внимание и при користење алати што создаваат искри

Од ДЗС повикуваат на внимателност и при користење алати кои создаваат искри, како брусилки и апарати за заварување.

Земјоделците, пак, треба да бидат особено внимателни при користење уреди за плашење птици, бидејќи и тие можат да предизвикаат пожар.

Граѓаните се повикуваат секое сомнително однесување веднаш да го пријават во најблиската полициска станица или на бројот 112.

„Пријавете лица кои носат сомнителни течности, факели, големи петарди или други предмети и активности што можат да предизвикаат пожар. Во услови на екстремно високи температури, потребна е максимална внимателност. Една искра може да предизвика голема трагедија“, апелираат од ДЗС.

е-Трн да боцка во твојот инбокс