Двајца пожарникари загинаа додека учествувале во гаснењето на голем шумски пожар во близина на аеродромот Бордо–Мерињак во југозападна Франција. Поради густиот чад, голем број летови доцнат, а противпожарните служби и понатаму се борат со огнената стихија.
Пожарот избувнал во ниска вегетација во близина на еден од паркинзите на аеродромот, а потоа се проширил и зафатил објект во непосредна близина. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како патниците ги напуштаат авионите, додека густ чад се издига над аеродромската зона.
Во гаснењето учествуваат околу 100 пожарникари, поддржани од специјализирани противпожарни авиони.
Француските власти потврдија дека двајца пожарникари загинале
Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, ја потврди трагедијата за време на седница на парламентот. Тој најави дека што е можно поскоро ќе отпатува во департманот Жиронд за лично да ја следи акцијата за гаснење на пожарот.
Нови пожари и евакуации
Жиронд е само еден од неколкуте француски департмани погодени од големи шумски пожари во последните денови, поттикнати од продолжениот топлотен бран.
Нов голем пожар избувнал и во департманот Вар, на југоистокот на Франција. Според здружението PSFDF, кое ги следи пожарите во земјата, огнот во општината Понтевес е надвор од контрола и брзо се шири.
На терен се распоредени околу 600 пожарникари и спасувачи, а превентивно се евакуирани 150 жители.
Рекордна сезона на пожари
Од почетокот на годинава во Франција се регистрирани речиси 11.000 пожари. Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна изјави дека земјата не се соочила со толку голем број пожари уште од Втората светска војна.
Податоците од Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS) покажуваат дека од јануари до средината на јули изгореле повеќе од 42.000 хектари површина, што е повеќе од досегашниот рекорд поставен во 2022 година.
Климатските промени го зголемуваат ризикот
Експертите предупредуваат дека сè почестите и поинтензивни пожари се последица на климатските промени и растот на температурите. Според Службата за климатски промени „Коперникус“, Европа се затоплува двојно побрзо од светскиот просек, што носи подолги топлотни бранови, недостиг на вода и сè поразорни шумски пожари.
Ова лето големи пожари зафатија повеќе европски земји, а најтешко погодена е Шпанија, каде досега загинаа најмалку 13 лица, додека во еден од најголемите пожари северно од Мадрид изгореа околу 29.000 хектари земјиште.