Двајца пациенти со западнонилска треска, од вкупно седумте хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести се во критична состојба и се на механичка вентилација на одделот за интензивно лекување, изјави попладнево директорот на Клиниката, Фадил Цана.
Пацинтите се на возраст од 76 и 66 години, а истовремено, за уште тројца пациенти, кои се примени со дијагноза акутно заболување на мозокот и мозочната обвивка, во текот на денов се чекаат лабораториските резултати од Институтот за јавно здравје.
Директорот на Инфективна истакна дека сите седум пациенти се од скопски населби, а само еден од нив патувал во Грција. Тројцата за кои дополнително се прават анализи за да се утврди дали го имаат вирусот, појасни Цана, исто така се од Скопје.
„Значи седум се потврдени и кај тројца постои големо сомнение дека може да се работи за истата инфекција. Шеесет и шестгодишниот пациент е хоспитализиран на 26 јули и поради влошување на неговата здравствена состојба и според проценка на лекарите од одделот за интензивна нега, е интубиран и поставен на механичка вентилација. Тој не патувал надвор од државата и има многу коморбидитети. Сите други пациенти се на возраст над 60 години и со многу коморбидитети. Тие се стабилни и се лекуваат според сите современи медицински протоколи. Таа возрасна група е изложена на најтешката инвазивна форма на вирусот“ изјави д-р Цана.