Жителите на Дубаи повикани во засолништа поради ракетна закана

Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати испрати предупредување до граѓаните поради потенцијална ракетна закана, во период на зголемени тензии во Ормускиот Теснец.
Фото: Tiger Properties

Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати издаде предупредување за потенцијална ракетна закана и ги повика граѓаните да побараат засолниште.

„Поради моменталната ситуација, потенцијалните ракетни закани, веднаш побарајте безбедно место во најблиската обезбедена зграда, држете се подалеку од прозорци, врати и отворени простори. Почекајте дополнителни инструкции“, се наведува во известувањето испратено до граѓаните на Дубаи преку СМС-порака, објави „Галф њуз“.

Предупредувањето доаѓа откако Обединетите Арапски Емирати го обвинија Иран дека користел дронови за напад врз празен танкер за сурова нафта, во сопственост на државната нафтена компанија од Абу Даби, додека се обидувал да помине низ Ормускиот Теснец.

Единицата за логистика на морска енергија на Националната нафтена компанија Абу Даби, ADNOC, објави дека танкерот „Барака“ бил празен кога бил нападнат од два дрона и дека нема повредени, објави „Ројтерс“.

Иран ги блокирал повеќето неирански бродови да влегуваат и излегуваат од Персискиот Залив откако САД и Израел почнаа да го напаѓаат. Техеран се закани дека ќе нападне неовластени бродови додека минуваат низ теснецот, низ кој се транспортира околу една петтина од светските пратки со нафта и гас, пренесува „Танјуг“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни