Дубаи подготвува мегапроект за заобиколување на Ормускиот Теснец: Ново стратешко пристаниште на источниот брег

Поради безбедносните ризици во Ормускиот Теснец, Дубаи планира изградба на ново стратешко пристаниште на источниот брегна источниот брег на ОАЕ. Проектот треба да ја намали зависноста од пристаништето Џебел Али.

Државната логистичка компанија DP World подготвува амбициозен проект за изградба на ново пристаниште и контејнерски терминал на источниот брег на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), со цел да ја намали зависноста од Ормускиот Теснец – еден од најважните и најризични поморски премини во светот.

Според Financial Times, компанијата преговара со властите за развој на ново мултифункционално пристаниште во емиратот Фуџајра, како и за изградба на нов терминал во постојното пристаниште во истиот регион.

Овој потег претставува значајна промена во стратегијата на Дубаи, кој со децении се развиваше како глобален трговски и финансиски центар благодарение на пристаништето Џебел Али.

Стратегија поради конфликтот со Иран

Новите планови се дел од пошироката стратегија на властите во ОАЕ за намалување на економската зависност од Ормускиот Теснец, низ кој поминува голем дел од светската трговија со нафта и стоки. Во последните месеци, пловидбата низ теснецот беше сериозно нарушена поради конфликтот меѓу Иран, САД и Израел, како и нападите со дронови и ракети.

Со новото пристаниште, контејнерите би пристигнувале директно во Фуџајра, на Оманскиот Залив, без да минуваат низ Ормускиот Теснец. Оттаму, товарот би се транспортирал по копно до Дубаи, Абу Даби и останатите земји од Персискиот Залив.

Драматичен пад на сообраќајот во Џебел Али

Според извори запознаени со проектот, по затворањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран, активноста во пристаништето Џебел Али се намалила за 90 до 95 проценти. Овој пад го натерал DP World да бара алтернативни транспортни правци.

Дополнителен удар за компанијата беше и неодамнешната смена на долгогодишниот извршен директор Султан Ахмед бин Сулајем.

Новото пристаниште би можело да биде готово за година и пол

DP World моментално ги договара условите за реализација на проектот со владините институции.

Иако компанијата не ги потврди официјално деталите, висок претставник изјави дека изградбата на новото пристаниште би можела да биде завршена за околу 18 месеци. Првичната инвестиција ќе изнесува стотици милиони долари, а подоцна би можела дополнително да се зголеми во зависност од потребите.

„Разгледуваме различни можности на источниот брег. Ова е одбранбен потег доколку ситуацијата повторно се влоши“, изјавил висок функционер на компанијата.

Џебел Али останува клучно пристаниште

И покрај новите инвестиции, властите нагласуваат дека пристаништето Џебел Али нема да биде заменето.

Станува збор за најголемото контејнерско пристаниште во регионот, опкружено со огромна слободна економска зона, индустриски комплекси и логистички центри.

„Џебел Али ќе остане Џебел Али. Неговото значење нема да се намали“, велат од компанијата.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека конфликтите во регионот ќе имаат долгорочно влијание врз неговото работење. Според агенцијата Moody’s, заработката на DP World годинава би можела да се намали од 6,6 милијарди долари во 2025 година на околу 5,9 милијарди долари.

Источниот брег добива сè поголемо значење

Војната и безбедносната нестабилност во регионот ги натераа владите и компаниите да ги преиспитаат своите логистички рути. Пред избувнувањето на конфликтот, низ Ормускиот Теснец дневно минуваа околу 135 бродови, додека по привременото примирје бројот се искачи на нешто повеќе од 40 пловила дневно.

DP World веќе пренасочува дел од товарниот сообраќај кон пристаништата Фуџајра и Кор Факан, а конкурентската компанија Gulftainer неодамна најави инвестиција од 2 милијарди долари за проширување на капацитетите во Кор Факан, што покажува дека источниот брег на ОАЕ станува нов стратешки логистички центар во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс