Државните институции во земјава во периодот од 2020 до 30 септември 2025 година исплатиле вкупно 3,97 милијарди денари (околу 64,5 милиони евра) за судски постапки од работни спорови, објави Државниот завод за ревизија. Дури 95,36 отсто од овие пари се наплатени присилно преку извршители, при што каматите, судските и извршните трошоци голтаат речиси половина од целата сума, односно над 31 милион евра од државниот буџет.
Податоците што ДЗР ги обезбеди од 69 институции застапувани од Државното правобранителство покажуваат дека само 4,64 отсто од парите се исплатени доброволно. Останатите 95,36 отсто се наплатени преку налози за извршување.
Од вкупно исплатените 3,97 милијарди денари, главниот долг изнесува 2,05 милијарди денари (51,61 отсто). Останатите 1,92 милијарди денари (48,39 отсто) претставуваат затезни камати, трошоци за парничната постапка и трошоци по извршни решенија. Овие дополнителни трошоци директно произлегуваат од ненавременото постапување на институциите по правосилни пресуди.
Најголем товар врз сопствениот буџет трпи КПД Идризово. Во периодот од 2020 до 2025 година затворот исплатил вкупно 154,6 милиони денари за работни спорови, од кои дури 63,68 отсто (над 98 милиони денари) се потрошени за камати и судско-извршни трошоци. Ревизорите наведуваат дека исплатените средства изнесуваат околу 20 отсто од вкупниот одобрен буџет на оваа установа, што го ограничува нејзиното нормално финансиско функционирање.
Во Министерството за внатрешни работи се исплатени 1,39 милијарди денари. Трошоците за камати, парнична постапка и извршување таму изнесуваат 832 милиони денари, што е речиси 60 отсто од вкупните средства за работни спорови. Во Министерството за одбрана од вкупно исплатените 1,83 милијарди денари, дури 98,8 отсто се реализирани преку извршители, со трошоци за камата и извршување од 712,5 милиони денари. Единствен позитивен исклучок е Царинската управа, каде што исплатите по пресуди се реализираат редовно и доброволно.
Наместо навремено да ги решаваат барањата на вработените, надлежните со години ги повторуваат истите пропусти. Според ДЗР, главни причини за судските спорови се неисплатениот надоместок за храна при ноќна работа, непочитувањето на законските одредби за минат труд и неплатените прекувремени часови над лимитот од 32 часа месечно.
Во МВР и МО прекувремената работа се исплаќа само до 32 часа месечно, додека за останатите часови е предвидено користење слободни денови. Поради недостиг на кадар, користењето слободни денови во пракса често не е овозможено, а системот за месечна пресметка (МПИН) на Министерството за финансии нема техничка можност да внесе повеќе од 32 часа. Ова резултира со масовни тужби кои институциите ги губат.
Ревизијата констатира сериозни слабости во евиденцијата. Државното правобранителство, кое ги застапува органите пред судовите, сè уште ги води предметите рачно преку хартиени уписници, без електронски систем. Поради ова, Правобранителството немаше податоци за исходот на предметите, нивната вредност, ниту за вредноста на издадените налози за извршување.
Истовремено, роковите не се почитуваат. Институциите често доцнат со одговорите на тужби поради бавен проток на пошта меѓу централните архиви и правните сектори. Постапките пред основните судови траат од 1 до 33 месеци наместо законските шест месеци. Пред апелационите судови ниту еден од 22 анализирани предмети со жалба не бил решен во законскиот рок од 30 дена.
Иако алтернативните начини овозможуваат побрзо и значително поевтино решавање на конфликтите, тие во јавниот сектор се маргинализирани. Од 59 институции што доставиле целосни податоци, 41 институција (70 отсто) воопшто нема применето алтернативен механизам меѓу 2020 и септември 2025 година.
Националниот совет за медијација не бил ставен во функција во законскиот рок, Комората на медијатори не функционира од февруари 2024 година поради истечени мандати, а испит за медијатори последен пат е спроведен во октомври 2021 година. Владата пак, годишните извештаи на Правобранителството ги разгледувала чисто информативно, без анализа на фискалните ризици.