Русија пријави нов голем бран напади со беспилотни летала, само еден ден по масовниот руски напад врз Киев, Днипро и други украински градови. Според руските власти, противвоздушната одбрана соборила десетици дронови над Ленинградската област и уште 13 што летале кон Москва.
Во Санкт Петербург, според украински и руски независни извори, дронови го погодиле терминалот и предизвикале пожар, но степенот на штетата засега не е официјално потврден.
Нафтениот терминал во Санкт Петербург е еден од значајните руски капацитети за складирање и извоз на гориво. Тој се наоѓа во Финскиот Залив и има годишен проток од околу 12,5 милиони тони нафтени продукти, што го прави важна точка во руската енергетска инфраструктура.
Поради нападите, аеродромот Пулково во Санкт Петербург привремено ги ограничи летовите, додека во градот започнува голем економски форум на кој традиционално учествува и рускиот претседател Владимир Путин. Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, соопшти дека се соборени 30 дронови, но не ги коментираше информациите за пожарот во пристаништето.
Напади се пријавени и во областа Тамбов, каде што во градот Мичуринск биле оштетени објекти, меѓу кои индустриски погон, станбена зграда и библиотека. Украински медиуми објавија дека цел била фабриката „Прогрес“, поврзана со руската одбранбена индустрија, но овие наводи не се независно потврдени.