Дронови навлегле во воздушниот простор на две членки на НАТО: Подигнати борбени авиони, граѓаните повикани да се засолнат

Летала со непознато потекло биле забележани над Летонија и Литванија. Во Литванија привремено биле прекинати летовите на аеродромот во Каунас, а во неколку региони биле издадени предупредувања за можна воздушна опасност.

Властите во Летонија и Литванија ги повикаа жителите на делови од двете балтички земји да побараат засолниште откако дронови со непознато потекло навлегле во нивниот воздушен простор. НАТО подигнал борбени авиони за да реагира на безбедносниот инцидент, кој повторно ги засили стравувањата од прелевање на војната во Украина на територијата на земјите што граничат со Русија и Белорусија.

Според првичните информации, дронот или дроновите влегле во воздушниот простор на овие две членки на НАТО од правец на Русија или Белорусија. Засега не е утврдено нивното потекло.

Предупредување и во Каунас, привремено затворен аеродромот

Литванскиот Национален центар за управување со кризи издаде предупредување што го опфати и Каунас, вториот по големина град во земјата, со околу 300.000 жители. Според медиумските извештаи, аеродромот во Каунас привремено ги прекинал сите летови.

Околу 23 часот била прогласена жолта тревога, а жителите на окрузите Вилнус и Утена биле советувани да се упатат кон најблиските засолништа.

„Литванските вооружени сили известуваат: МОЖНА ВОЗДУШНА ОПАСНОСТ (ЖОЛТО). Пронајдете безбедно место. Ако забележите сомнителен предмет, не приближувајте се и јавете се на 112. Почекајте да помине опасноста“, гласело официјалното предупредување.

Тревога и во Летонија

Предупредување издадоа и летонските власти, кои пријавиле можна закана во воздушниот простор над општините Јекабпилс и Мадона.

„Ве известуваме за можна закана во воздушниот простор на Летонија. Во моментов не е потребно да преземате дополнителни мерки. Доколку ситуацијата се промени, ќе добиете известување преку системот за рано предупредување на мобилните телефони, со инструкции како да постапите“, соопштија властите преку платформата Икс.

Подоцна летонските служби објавија дека опасноста во општината Мадона поминала.

Кој ги испраќа дроновите?

Инцидентот повторно ги отвора прашањата за безбедноста на воздушниот простор на балтичките земји, кои граничат со Русија и Белорусија. Украински дронови и претходно навлегувале во воздушниот простор на Финска, Естонија, Летонија и Литванија. Москва ја обвинува Украина дека го користи воздушниот простор на земјите членки на НАТО како заштита при изведување напади врз руска територија.


Киев, од друга страна, тврди дека дел од украинските дронови ја губат планираната маршрута поради руско електронско попречување на сигналите. Балтичките земји и други членки на НАТО за ваквите инциденти ја обвинуваат Русија. Сепак, потеклото на леталата во најновиот случај сè уште не е независно потврдено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс