Тројца планинари беа успешно спасени откако останаа заглавени на тежок и непристапен терен на Шар Планина, во близина на местото „Три води“, во атарот на селото Теарце, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Еден од нив, 38-годишниот А.Ч. од селото Жеровјане, поради влошена здравствена состојба бил пренесен во Клиничката болница во Тетово, каде му била укажана лекарска помош. Според информациите, преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, синоќа во 18:46 часот во Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) – Тетово била примена пријава за група планинари кои останале заглавени на планината Бистрица на Шар Планина.
Од СВР Тетово информираат дека А.Ч. побарал помош за себе и уште две лица – Н.М. од селото Слатино и Б.А. од селото Глоѓи. Тројцата со возило пристигнале до местото „Три води“, а потоа пеш продолжиле кон планината Бистрица. Поради исклучително тежок и непристапен терен останале заглавени, а кај А.Ч. во меѓувреме се појавиле болки во градите, отежнато дишење и потешкотии при движењето.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека лицата немале повреди, но поради здравствените тегоби и непристапниот терен било неопходно итно организирање спасувачка акција.
„Група од тројца планинари, од кои едниот за време на движењето почувствувал здравствени тегоби – болки во градите, отежнато дишење и отежнато движење. Лицата немале повреди, но поради здравствената состојба и непристапниот терен било неопходно итно да се организира спасувачка акција. До нивната локација не можело да се пристапи со теренско возило, туку било потребно пешачење од најмалку три до четири часа“, информираа од ЦУК.
По пријавата биле известени Полициското одделение Теарце и Територијалната противпожарна единица од Лешок, а во спасувањето се вклучил и алпинист-спасител од Тимот за брза интервенција и спасување во планина. Во текот на акцијата, спасувачите постојано комуницирале со планинарите и ги координирале сите надлежни служби.
Во меѓувреме, останатите двајца планинари успеале да го спуштат А.Ч. до местото „Бачило“, каде што ги пречекала спасувачката екипа. Потоа, заедно со спасувачите, групата пеш се спуштила до возилото, а околу 20:40 часот кај местото „Три води“ биле преземени од полициски службеници од Полициското одделение Теарце.
Планинарите биле безбедно пренесени до регионалниот пат кај селото Лешок, каде што ги чекала екипа на Итната медицинска помош од Тетово. А.Ч. во 00:55 часот со амбулантно возило бил транспортиран во Клиничката болница Тетово, додека на другите двајца планинари им била укажана медицинска помош, по што биле пуштени на домашно лекување.