ДПИ проверува дали училишниот прибор навистина е поевт

Државниот пазарен инспекторат започна контроли кај трговците за да провери дали се почитува одлуката за намалување на цените на училишниот прибор. Цените во трговијата на големо треба да бидат намалени најмалку 10 проценти, а во трговијата на мало најмалку 15 проценти, мерка што важи од 25 август до 30 септември 2026 година.
Screenshot

Тимовите на Државниот пазарен инспекторат излегоа на терен низ земјава за да проверат дали трговците ги почитуваат новите правила за цените на училишниот прибор.

Според одлуката на Владата, највисоките цени на производите во големопродажбата се утврдуваат според цените што важеле на 1 јуни 2026 година, по што треба да бидат намалени за најмалку 10 проценти.

Во малопродажбата намалувањето треба да изнесува најмалку 15 проценти. Мерката ги опфаќа специјализираните продавници за училишен прибор, продавниците за спортска опрема што продаваат ранци и ташни, како и другите трговци кои во својот асортиман имаат училишен прибор. 

Трговците се должни производите опфатени со одлуката јасно да ги означат со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како и да ја прикажат претходната продажна цена и новата намалена цена.

За производите набавени по 1 јуни, како основа се земаат цените евидентирани во материјалната евиденција кај трговците на големо, односно цените наведени во приемните листови кај трговците на мало. 

Инспекторите во наредниот период ќе вршат контроли на правни субјекти на целата територија на државата. За непочитување на правилата се предвидени глоби од 500 до 10.000 евра, зависно од големината на трговецот.

За целосно непочитување на владината одлука може да биде изречена и привремена забрана за вршење дејност во траење од 15 дена. 

Од ДПИ ги повикаа трговците да ги почитуваат обврските, а граѓаните доколку забележат неправилности можат да ги пријават на телефонскиот број 191 или преку интернет страницата на инспекторатот. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс