Бојковски доби доживотен затвор за четири убиства и два обида за убиство

Основниот суд во Куманово ја изрече првостепената пресуда за нападите врз жени во регионот на Старо Нагоричане

Основниот суд во Куманово денеска, 9 октомври, му изрече доживотен затвор на 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане. Тој е прогласен за виновен за четири убиства и два обида за убиство на жени.

Според извештајот, делата се извршени од јануари 2025 до февруари 2026 година. Жртвите биле претежно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами, а случаите се поврзани со селата Клечовце, Драгоманце и Челопек, како и со Старо Нагоричане.

Обвинителството побара доживотен затвор поради ризик од повторување

На рочиштето за завршни зборови, одржано на 6 октомври, јавниот обвинител Љубомир Лапе побара најстрога казна. Тој се повика на материјалните докази, записниците од увидите и ексхумациите, како и на анализите на ДНК-трагите.

Според Лапе, траги од обвинетиот биле пронајдени кај две од убиените жени и кај една од жените што ги преживеале нападите. Образложувајќи го барањето за казната, обвинителот се повика и на психијатриското вештачење, според кое постои висок ризик од повторување на кривичните дела и нема можност за ресоцијализација.

Одбраната побара судот да ги земе предвид олеснителните околности, меѓу кои возраста на Бојковски, претходната неосудуваност и признанието на дел од делата. Адвокатот Тони Цветковски оспори дел од аргументите на обвинителството, вклучително и доказите за едно од убиствата и утврдувањето на умислата кај двата обида за убиство.

Со денешната одлука заврши првостепената постапка. Пресудата не е правосилна и може да биде предмет на жалба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс