Шпанија пред предвремени избори: Анкетите покажуваат предност на десничарите

Според анкета на весникот, Народната партија би победила на изборите со 31,9 проценти поддршка, пред социјалистите со 28,1 процент

Шпанската Народна партија (ПП) и крајно десничарската партија Вокс се на добар пат заеднички да освојат парламентарно мнозинство на вонредните општи избори закажани за 29 ноември од страна на владејачките социјалисти, покажуваат две анкети на јавното мислење објавени денес.

Истражувањето на весникот „Ел Паис“ покажа дека Народната партија (ПП) и антиимиграциската партија Вокс заедно би освоиле 198 пратенички места, што е над прагот од 176 места потребни за формирање парламентарно мнозинство, пренесува Ројтерс.

На претходните избори во 2023 година, двете партии заедно имаа 170 места, а сега поддршката на Вокс би била двојно зголемена.

Анкетата покажа дека социјалистите ќе паднат на 112 места од 121, колку што имаа пред три години, а нивните шанси за владеење ќе бидат сериозно загрозени од падот на поддршката за нивниот крајно левичарски коалициски партнер, партијата Сумар.

Според анкета на весникот, Народната партија би победила на изборите со 31,9 проценти поддршка, пред социјалистите со 28,1 процент од гласовите.

Како што е наведено, иако обете партии би изгубиле гласови во споредба со 2023 година, падот на социјалистите е поизразен.

„Сите анкети на јавното мислење што ги гледаме испраќаат иста порака, а тоа е дека Шпанија сака промени, сака алтернатива“, изјави портпаролката на Народната партија во парламентот, Естер Муњоз, за ​​телевизијата Телесинко.

Слични резултати покажа и анкетата на порталот „Ел Конфиденсијал“, според која Народната партија и Вокс би добиле вкупно 200 пратенички места, што би овозможило влез на крајно десничарска партија во централната влада, за прв пат од враќањето на Шпанија во демократијата по смртта на авторитарниот лидер Франциско Франко во 1975 година.

Партиите ПП и Вокс моментално владеат во коалиција во четири шпански региони.

Социјалистичкиот премиер Педро Санчез , кој е на власт од 2018 година, распиша предвремени избори оваа недела откако парламентот ги отфрли предлозите на неговата влада за решавање на растечката криза со домувањето.

Санчез смета на фактот дека протестите поради недостиг на станови и вртоглаво зголемување на цените на кириите, предизвикани од иселувањето на 87-годишна жена, би можеле да ги мобилизираат левичарските гласачи.

Политичката дебата претходно се фокусираше на мигрантската криза и истрагите за наводна корупција во неговата партија, како и наводното злоупотребување на влијание во кое се вклучени неговата сопруга и брат.

Санчез, кој ја предводи една од последните левоориентирани влади во Европа, постојано негираше какво било кривично дело од страна на неговата партија и ја бранеше невиноста на своето семејство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс