Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека од понеделник (12.10.2026), системот за сообраќаен надзор Безбеден град започнува со работа и на подрачјето на СВР Охрид.
По извршените технички проверки и финалните тестирања, камерите на системот ќе бидат ставени во функција на сообраќајниците на подрачјето на СВР Охрид.
Тоа значи дека освен во Охрид, „Безбеден град“ ќе функционира и во соседните градови, односно во Струга, Дебар и Кичево.
„Со активирањето на системот ќе се овозможи засилена и континуирана сообраќајна контрола, навремено откривање на сообраќајните прекршоци, зголемување на сообраќајната дисциплина и унапредување на безбедноста на патиштата. Министерството за внатрешни работи апелира до сите возачи доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот“ велат од МВР.
Ситемот „Безбеден град“ започна со реализација на почетокот на годината а досега е имплементиран во Скопје, Тетово и Куманово, како и на дел од автопатот „Пријателство“.