Повеќе од половина од судовите во Северна Македонија не успеваат навреме да ги решат предметите, додека државата одбива да одвои законски предвидени пари за правосудството, покажува единаесеттиот Извештај во сенка за Поглавје 23 што го објави Институтот за европска политика – Скопје. Документот за периодот октомври 2025 – јуни 2026 година бележи блокирани вработувања, притисоци од извршната власт врз обвинители и продлабочен дефицит на стручен кадар.
Наместо задолжителните 0,8 отсто од бруто-домашниот производ, судската власт лани доби само 0,26 отсто од БДП, додека касата на Јавното обвинителство се сведе на скромни 0,2 отсто од државниот буџет. Оваа финансиска зависност директно го парализира секојдневното функционирање на институциите. Според официјалниот извештај за 2025 година на Судскиот совет, дури 18 од вкупно 34 судови во земјата биле неажурни. Меѓу оние што тонат во заостанати предмети се и Врховниот суд, Управниот суд и два апелациски суда. Иако судиите решиле незначително повеќе предмети од претходно, на крајот на годината останале нерешени вкупно 134.610 судски предмети.
Хроничниот недостиг на луѓе го турка системот кон оперативен колапс. Поради двегодишна блокада и необезбедени средства од Министерството за финансии, во декември 2025 година беше поништен огласот за прием на 130 кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители. Истовремено, судската администрација цела година нема добиено согласност за ниту едно ново вработување или унапредување. Состојбата во обвинителската мрежа е уште подраматична. Јавнообвинителската служба работи со едвај една третина од потребниот кадар, а основните обвинителства во Ресен и Крива Паланка во текот на цела 2025 година функционирале без ниту еден единствен јавен обвинител.
Извештајот регистрира директни изјави на високи владини функционери за актуелни истраги и судски процеси. Особено внимание привлекоа јавните реакции на премиерот и министерот за правда по одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, како и квалификациите упатени кон обвинителката што ги застапуваше предметите Талир 1 и 2. Откако новиот републички обвинител ѝ ги одзеде овластувањата за тие предмети, обвинителката поднесе оставка, а Советот на јавните обвинители ја констатираше без расправа. Дополнителен удар врз довербата се случаите каде што судија од Апелацискиот суд Скопје беше обвинет за перење пари по пронајдени 350.000 евра соѕидани во куќа, додека в. д. претседател на суд во Гостивар беше приведен за примање поткуп.
Иако Собранието донесе нови законски решенија за Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и законите за судска и обвинителска служба, нивната примена допрва треба да покаже дали ќе има меритократија и вистинска одговорност. Напредокот во борбата против корупцијата тапка во место, а спроведувањето на петгодишната национална стратегија на ДКСК заврши со реализација на само 37 отсто од мерките. Извештајот бележи сериозни пропусти и кај темелните права: затворите остануваат пренатрупани со капацитет од 104 лица на 100 места, над 90 отсто од жените жртви на семејно насилство се принудени да земаат кредити за да преживеат, а полициските станици сè уште немаат простории приспособени за разговор со деца во судир со законот.