Граѓаните на Словенија во недела, на 11 октомври, ќе гласаат на четири референдуми. Меѓу прашањата е и дали државјаните на земји надвор од Европската Унија треба да бидат исклучени од гласањето на локалните избори. Според Државната изборна комисија, предложеното ограничување би го задржало ова право за словенечките и за државјаните на другите членки на ЕУ.
Ова прашање е релевантно и за македонските државјани што живеат во Словенија и немаат словенечко или друго државјанство од ЕУ. Сепак, гласањето е советодавно и неговиот исход сам по себе нема да го промени законот. Како што објаснува „Дело“, резултатот од трите советодавни референдуми правно не го обврзува парламентот.
Второто прашање е дали паричната социјална помош за работоспособни лица, кои немаат објективни пречки за работа, треба да се условува со активно извршување општествено корисна работа.
На третото советодавно гласање, граѓаните ќе се изјаснат дали да се укине задолжителното плаќање на придонесот за програмите на јавниот радиодифузен сервис РТВ Словенија.
Четвртиот референдум е законодавен и се однесува на измените на Законот за парламентарна истрага, усвоени на 26 мај годинава. За разлика од другите три, неговиот резултат може непосредно да влијае врз стапувањето во сила на веќе усвоениот закон.
Гласачките места во недела ќе бидат отворени од 7 до 19 часот.