Прв хуманитарен фудбалски турнир „Играме со срце“ викендов во Скопје

Осумнаесет компании и македонски фудбалски репрезентативци играат за поддршка на децата и младите без родителска грижа од програмите на СОС Детско село.

Денес и утре во Скопје се одржува првиот хуманитарен фудбалски турнир „Играме со срце“, во организација на СОС Детско село и под покровителство на Министерството за спорт. Натпреварите ќе се играат во спортската сала на ООУ „Круме Кепески“ во Општина Кисела Вода, со поддршка од Бизнис-лигата и Фудбалската федерација на Македонија.

Во рамки на настанот ќе се одигра и ревијален натпревар на кој поранешни и актуелни македонски фудбалски репрезентативци – меѓу кои Александар Трајковски, Стефан Ристовски, Аце Стојков, Николче Новески и Никола Глигоров – ќе играат заедно со децата и посетителите.

Осумнаесет компании кои го поддржаа овој турнир ќе учествуваат на настанот. На теренот ќе настапат екипите на „Алкалоид“, „Халкбанк“, ЕСМ (ЕЛЕМ), „Еуролинк“, „А1“, „Лукоил“, „Македонија осигурување“, „Аџибадем Систина“, „НЛБ Банка“, „АХМ 365“, „Гранит“, „Авенга“, „Ван Хол“, „Виљареал мастерс академи“, „Флекс кредит“, „Колид фудс“, „Малиќи груп“ и „Експанда“.

Од Министерството за спорт посочуваат дека турнирот има двојна цел – промоција на спортот и заедништвото, како и поттикнување на општествената одговорност кај компаниите. Организаторите ги повикуваат граѓаните да присуствуваат и да ја поддржат акцијата, нагласувајќи дека без оглед на резултатот на теренот, најголемата победа е придонесот за посреќно детство.


Средствата од котизациите за учество на турнирот ќе бидат донирани за поддршка на децата и младите без родителска грижа кои се дел од програмите на СОС Детско село.

е-Трн да боцка во твојот инбокс