Два патнички авиони Боинг 737 на американската авиокомпанија Американ ерлајнс (American Airlines) се судрија во петокот околу 17:10 часот по локално време, непосредно пред полетувањето од меѓународниот аеродром Роналд Реган кај Вашингтон. Во инцидентот нема повредени, но на едното летало му се откина завршниот дел од крилото, потврди американската Сојузна управа за цивилно воздухопловство (ФАА).
Судирот се случил додека двата авиони се движеле по маневарските површини кон полетно-слетната патека за време на викендот по Денот на благодарноста, еден од најфреквентните периоди во американскиот авиосообраќај. Според податоците на ФАА, авионот на летот AA638, кој требало да полета кон Далас, го зафатил крилото на авионот на летот AA2152, планиран за Чикаго.
На снимката од радиокомуникацијата со контролата на летање, објавена преку сервисот Лајв АТЦ (LiveATC), се слуша како пилотот ги известува контролорите дека дошло до контакт меѓу леталата. При ударот на едниот авион му се откинал таканаречениот винглет, нагоре свитканиот завршеток на крилото чија функција е намалување на аеродинамичкиот отпор за време на летот.
Пилотот ја предупредил контролата дека целиот откинат дел се наоѓа на тлото од десната страна на авионот. Поради опасноста од остатоци на пистата, контролорите на летање му наредиле на друг авион да го прекине слетувањето, а останатите екипажи биле предупредени за можни доцнења.
Еден од патниците во изјава за Си-Ен-Ен (CNN) го опиша моментот на судирот како силен и неочекуван потрес.
„Ударот беше навистина силен. Целиот авион се затресе“, рече патникот, додавајќи дека луѓето во кабината гласно воздивнале од изненадување и почнале да гледаат низ прозорците за да видат што се случило.
Откако аеродромските служби го отстраниле откинатиот дел од крилото, двата авиони се вратиле на терминалот, каде што биле прегледани од противпожарните и спасувачките екипи. Американ ерлајнс ги повлече двете летала од сообраќај заради технички преглед, им се извини на патниците и соопшти дека ќе им обезбеди заменски авиони, додека ФАА отвори истрага.
Инцидентот се случува во близина на истиот аеродром каде што во јануари минатата година се случи една од најтешките воздухопловни несреќи во САД во последните децении. Тогаш во судир меѓу патнички авион на Американ ерлајнс и американски воен хеликоптер загинаа сите 67 луѓе во двете летала.
