Снежна покривка на Балканот, доцна вечерва и ноќеска услови за снег и во Скопје

Додека во Србија и Сараево веќе паѓа снег, циклонска активност носи обилни врнежи и заладување во Македонија, со утрински температури до -14 степени на почетокот од декември.

Балканот веќе е под закрила на снежна покривка — Србија и Сараево. Најмногу снег наврна на Златибор, каде што снежната покривка изнесува 10 сантиметри. Снег паѓа и во централните делови, Шумадија, како и во повисоките предели околу Белград, додека во долината на Велика Морава, покрај Дунав и во источните и североисточните делови врне силен дожд. Сараево исто така е во бела покривка околу ридските населби и околните возвишенија.

И прогнозите за Македонија се слични. Од утрово нашата земја е под влијание на циклонска активност што носи облачно и врнежливо време со засилен северен ветер, особено во североисточните делови и долж Повардарието. Во текот на денот се очекуваат локално пообилни врнежи од дожд, над 30 литри на квадратен метар, додека на планините ќе врне снег. Попладне, поради продор на постуден воздух, дождот на повисоките места ќе премине во снег, а кон крајот на денот и во текот на ноќта услови за снег има и во Скопје.

До крајот на циклонскиот период в недела, на одредени места се очекува да наврнат вкупно над 80 литри воден талог на квадратен метар. На планините ќе се формира нова снежна покривка до 20 сантиметри, а на повисоките места од 2 до 10 сантиметри. В недела времето ќе се задржи облачно со локални врнежи претежно од снег, кои ќе престанат кон крајот на денот, а температурите ќе се движат од -2 до 8 степени.


Од почетокот на следната работна седмица следува стабилизирање на времето со сончеви периоди, но и значително заладување со утрински температури под нулата низ целата држава. В понеделник утринските температури ќе се спуштат до -7 степени, додека најстудено утро се очекува во вторник, 1 декември, кога минималните температури ќе паднат од -14 до -2 степени Целзиусови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс