Извештај на „Станица ПЕТ“ покажува дека жените се 90% од жртвите, а психолошкото насилство е најчесто, но најмалку пријавувано. Општините Кривогаштани и Долнени немаат ниту една локална мерка за заштита.
Во периодот од 2022 до 2025 година, на подрачјето на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, Министерството за внатрешни работи евидентирало 247 кривични дела поврзани со семејно и родово-базирано насилство, додека Основниот суд во Прилеп постапувал по 128 предмети. Ова се податоците од локалниот извештај за состојбата со родовото и сексуалното насилство, изработен од Здружението за правна едукација и транспарентност „Станица ПЕТ“ – Прилеп, во рамки на проект финансиран од Европската Унија.
Иако бројките сами по себе се загрижувачки, авторите на извештајот, Христина Здравеска и Маја Петанческа, нагласуваат дека тие претставуваат само врв на ледениот брег – голем број случаи остануваат непријавени поради страв, економска зависност, срам и недоверба во институциите.
90% од жртвите се жени, 85% од случаите од партнер
Анализата на институционалните податоци покажува јасна родова асиметрија: над 90% од жртвите се жени, а во повеќе од 85% од случаите сторител е сегашен или поранешен интимен партнер. Најчеста форма на насилство е физичкото (171 случај по член 130 – телесна повреда), но психолошкото насилство е најприсутно во секојдневната реалност, само што ретко се пријавува.
„Психолошкото насилство често е почетна фаза која претходи на физичкото, економското и сексуалното насилство. Но, тоа сè уште не се препознава доволно ниту од жртвите, ниту од институциите,“ – стои во извештајот.
Во текот на 2025 година, според податоците на МВР, биле поднесени 215 поплаки за семејно насилство, од кои 206 за психичко малтретирање. Сепак, само 65 од нив резултирале со кривични пријави – што укажува на голем јаз меѓу пријавеното и процесираното.
Домот – место на најголема небезбедност
Особено загрижува податокот дека околу 90% од случаите се случуваат во домот на жртвата. Наместо да биде засолниште домот за многу жени станува простор на постојана контрола, заплашување и насилство.
„Овој факт ја нагласува потешкотијата во откривање, пријавување и докажување на насилството, бидејќи се одвива надвор од јавен надзор,“ – велат авторките.
Анализата на случаите документирани од Станица ПЕТ покажува дека насилството ретко започнува како тежок инцидент. Напротив, во најголем број случаи тоа започнува со контрола, љубомора, навреди и ограничување на слободата на жртвата, а со текот на времето постепено ескалира.
Само една мерка за отстранување од домот
Иако Законот за спречување и заштита од насилство врз жените предвидува можност за итно отстранување на сторителот од домот, во периодот 2022–2025 година оваа мерка е изречена само еднаш на подрачјето на Основниот суд Прилеп. Во истиот период, изречени се вкупно 66 привремени мерки за заштита, но нивната примена бележи постојан пад – од 27 во 2022 година на 17 во 2025 година.
„Бројот на изречени мерки за заштита не мора да значи намалување на насилството, туку може да укажува на намалена доверба на жртвите во институциите или на недоволна примена на законот од страна на судовите,“ – предупредуваат од Станица ПЕТ.
Посебна загриженост предизвикува и екстремно ниското ниво на пријавување на сексуалното насилство. Иако интервјуата со жртвите и стручните лица укажуваат дека сексуалното насилство постои и е присутно во локалната заедница, во официјалните полициски евиденции за целиот анализиран период се регистрирани само два случаи.
Руралните средини – Црна дупка за пријавување
Во општините Кривогаштани и Долнени, кои се претежно рурални, бројот на пријавени случаи е значително помал – но тоа не значи дека насилството е поретко. Напротив, авторите предупредуваат дека традиционалните норми, стигмата и недостатокот на институции ги обесхрабруваат жртвите да побараат помош.
Општина Кривогаштани и Општина Долнени, според извештајот, немаат донесено ниту една програма, акциски план или протокол за заштита од родово-базирано насилство, ниту пак издвојуваат буџетски средства за оваа намена.
„Помалиот број на пријавени случаи во руралните средини не треба да се толкува како помала застапеност на насилството. Можно е овие бројки да се должат на недоволно пријавување, ограничен пристап до услуги за поддршка, економска зависност на жртвите од сторителите, како и на страв од стигматизација во помалите заедници,“ – се наведува во извештајот.
Извештајот критикува и ЈЗУ Општа болница Прилеп, која и покрај две законски барања за слободен пристап до информации, не доставила никакви податоци за постапување со жртви на насилство. Здравствените установи се законски должни да водат евиденција и да упатуваат жртви, но во овој случај – недостасува секаква транспарентност.
„Недостигот на одговор од институција која претставува клучен сегмент во системот за заштита, особено во контекст на родово-базираното и семејното насилство на локално ниво, претставува значаен институционален недостаток,“ – велат авторките.
По непостапувањето на болницата, биле поднесени жалби до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, но и покрај укажувањата, болницата не ги доставила бараните податоци.
Економската зависност – главна пречка за напуштање
Интервјуата со жртвите откриваат дека економската зависност претставува еден од најсилните фактори кои ги задржуваат жените во насилни односи. Голем број жени немаат доволно ресурси за самостоен живот и се принудени да останат во средина во која се изложени на континуирано насилство.
Повеќе од половина од интервјуираните жртви изјавиле дека немале целосна контрола врз сопствените финансии, дека нивните приходи биле контролирани од партнерот или дека им било оневозможено да работат и да обезбедат финансиска независност.
„Ова укажува дека борбата против родово-базираното насилство не може да се одвои од прашањата поврзани со економското јакнење и социјалната сигурност на жените,“ – се заклучува во извештајот.
Децата се појавуваат како двоен фактор во процесот на донесување одлуки. Од една страна, желбата да се заштитат децата ги мотивира жртвите да побараат помош. Од друга страна, стравот од распаѓање на семејството, губење на старателството или негативни последици врз децата ги задржува во насилниот однос.
Психолошките последици – длабоки и долготрајни
Речиси сите интервјуирани жртви опишале симптоми на анксиозност, чувство на беспомошност, намалена самодоверба и социјална изолација. Дел од нив изјавиле дека долго време не биле во состојба да донесуваат самостојни одлуки поради континуираната контрола и психолошкиот притисок на кои биле изложени.
Во рамки на проектот, Станица ПЕТ воспостави сервис за психосоцијална поддршка кој во периодот јуни-декември 2025 година обезбеди 23 услуги на индивидуално советување за жени и деца кои преживеале различни форми на родово базирано и семејно насилство.
„Психосоцијалната поддршка не треба да се гледа како дополнителна услуга, туку како основна компонента на системот за заштита од родово базирано насилство, која директно влијае врз ефикасноста на сите останати мерки за поддршка и заштита на жртвите,“ – порачуваат од здружението.
Што препорачува Извештајот?
Врз основа на наодите, авторките даваат конкретни препораки до:
До локалните самоуправи:
- Да обезбедат одржлива финансиска поддршка за услугите наменети за жртвите преку воспоставување посебна буџетска линија
- Да формираат фонд за финансиска помош на жени кои го напуштаат насилникот
- Да развијат и усвојат локални акциски планови со јасно дефинирани цели и индикатори
До МВР:
- Да обезбеди специјализирани полициски службеници за случаи на семејно насилство
- Да воспостави систем за редовно следење и евалуација на полициското постапување
- Да зајакне присуството и достапноста во руралните средини
До Центарот за социјална работа:
- Да ги зајакне стручните тимови преку вработување дополнителен број социјални работници и психолози
- Да воспостави регионален шелтер-центар за трите општини
- Да обезбеди буџетски средства за итен транспорт и привремено сместување на жртвите
До здравствените институции:
- Да воспостават специјализирани кризни центри за 24/7 пристап до медицинска, психолошка и форензичка помош
- Да обезбедат континуирана обука на медицинскиот персонал за траума-информиран пристап
- Да вработат социјален работник во ЈЗУ Општа болница Прилеп
За системот за бесплатна правна помош:
- Да се зајакне локалното присуство на правната помош
- Да се надминат административните слабости во Подрачното одделение во Прилеп
- Да се забрза прибавувањето на податоци по службена должност
Извештајот на „Станица ПЕТ“ не нуди само бројки – тој открива системски пропусти, недоволна координација меѓу институциите и огромна невидливост на насилството, особено во руралните средини.
„Родово-базираното и сексуалното насилство не претставуваат индивидуален или семеен проблем, туку структурен општествен предизвик кој бара долгорочен и координиран одговор. Ефективното справување со насилството подразбира истовремено дејствување во повеќе области: превенција, образование, економско јакнење на жените, навремена институционална реакција, достапни услуги за поддршка и доследна примена на законите,“ – се вели во заклучокот.
Позитивно е што во текот на проектот е воспоставен сервис за психосоцијална поддршка во Прилеп, кој во 2025 година опслужувал 23 жртви. Но, авторите предупредуваат – овие услуги сè уште зависат исклучиво од донаторски средства, додека општините не преземаат системска одговорност.
„Без одржливо финансирање и политичка волја, овој извештај ќе остане само уште еден документ во фиока,“ – порачуваат од Станица ПЕТ.