Дојранското езеро со одличен квалитет на водата

Водата земена на трите мерни места од Дојранското езеро може да се користи за капење и рекреација, покажуваат резултатите

Резутлтатите од земените мостри покажуваат дека водата во Дојранското езеро е во одлична состојба, согласно микробиолошките индикатори.

Општина Дојран соопшти дека резултатите се од извршените анализи на три мерни места: “Градската плажа”, плажата “Гранико” и плажата “Полин”. Општинските власти велат дека анализите се спроведени согласно Националната годишна програма за јавно здравје за 2026 година, а ги извршил ЈЗУ “Центар за јавно здравје” од Велес.

– Врз основа на лабораториските наоди, согласно Правилникот за начинот и мерките  на управување со водите за капење и Уредбата за класификација на водите, како и за категоризација на водотеците, езерата, акумулациите и подземните води, анализираната мостра на вода по однос на микробиолошките индиктори е оценета за одлична, велат од Општината. 

Според извештаите примероците се земени во втората половина на јули.

Во извештајот се напоменува дека водата на трите мерни места може да се користи за капење и рекреација.

– Од извршените испитувања и стручната анализа се заклучува дека водата од Дојранско Езеро на мерно место “Градска плажа”, и покрај отстапувањата од бараната втора класа на одредени физичко – хемиски параметри кои директно не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето, соодвествува со микробиолошките стандарди за капење, стои во извештајот од “Центар за јавно здравје” од Велес, а истото е наведено и за останатите мерни места од каде се земени примероци на вода. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс