Трамп по новите напади во Заливот: Договорот со Иран е „завршен“

Калас ги осуди нападите на Иран врз Бахреин и Кувајт, а Техеран обвинува дека САД го скршиле договорот

Американскиот претседател Доналд Трамп, на самитот на НАТО во Анкара изјави дека договорот со Иран е „завршен“, откако САД и Иран разменија нови воени удари низ Блискиот Исток. Иран нападна американски воени цели во Бахреин и Кувајт, а Вашингтон повторно воведе санкции врз иранскиот нафтен извоз. Европската шефица на дипломатијата Каја Калас предупреди дека новите напади дополнително ги комплицираат преговорите за крајот на војната.

Трамп: „Само трошиме време со нив“

Обраќајќи се пред новинари на самитот на НАТО во Анкара, Трамп рече дека повеќе не сака да преговара со Техеран, опишувајќи ги иранските претставници со остри навреди и наведувајќи дека земјата постојано лаже и ги крши договорите. Додаде дека ќе им дозволи на своите преговарачи да продолжат да разговараат доколку сакаат, но за него договорот практично е завршен. Изјавата дојде откако Иранската револуционерна гарда соопшти дека изведе заедничка ракетно-дронска операција врз американски воени цели.

Иран удри 85 цели во Бахреин и Кувајт

Според иранската државна агенција ИРНА, Иранската револуционерна гарда изврши напад врз 85 локации поврзани со американски воени инсталации во бахреинската лука Салман и Петтиот поморски дистрикт, како и врз базата Али Ал Салем во Кувајт. Иран го опиша нападот како „почетна одмаздничка операција“ во одговор на серијата американски удари од претходниот ден. Кувајтското министерство за надворешни работи го осуди она што го нарече повторени ирански напади врз негова територија.

Иранскиот МНР: договорот е „неефикасен“

Иранското министерство за надворешни работи изјави дека повторените американски напади, повторното воведување санкции врз извозот на нафта, вмешувањето на Вашингтон во иранските аранжмани околу Теснецот Хормуз, како и продолжените израелски удари врз Либан, го направиле договорот „неефикасен“. Техеран ја стави одговорноста за последиците врз американската страна.

Калас: нападите ги комплицираат преговорите

Европската шефица на дипломатијата Каја Калас, преку објава на X, оцени дека размената на удари меѓу САД и Иран дополнително ги комплицира веќе кревките преговори за крајот на војната. Ги означи иранските напади врз Бахреин и Кувајт како неприфатливи и потсети дека Техеран, според договорот, се обврзал да го отвори повторно Теснецот Хормуз. Слободата на пловидба, порача Калас, мора да остане непречена.

Договорот е стар само три недели

Договорот меѓу Вашингтон и Техеран, потпишан пред околу три недели, требаше да го стави крај на воениот судир кој започна во февруари со заеднички американско-израелски удари. Новата ескалација се случува во моментот кога Иран одржува повеќедневна погребна церемонија за својот врховен водач Али Хаменеи, кој почина рано во текот на војната.

извор: CNN

е-Трн да боцка во твојот инбокс