Хамас ќе го предаде оружјето, Израел ќе се повлекува од Газа – Трамп објави „историски договор“

Разоружувањето и израелското повлекување треба да се одвиваат паралелно, во повеќе фази. Израел сè уште не го потврдил договорот, а неговата реализација може да трае речиси една година.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за целосно разоружување на Хамас и на другите вооружени групи во Појасот Газа. Според планот, предавањето на оружјето треба да биде проследено со постепено повлекување на израелските сили од палестинската територија.

Трамп го нарече договорот „историски“ и „монументален чекор кон траен мир и безбедност“, наведувајќи дека бил постигнат преку Одборот за мир, формиран за спроведување на американскиот мировен план за Газа.

„Овој договор е клучен чекор кон тоа Газа конечно да биде управувана од нова палестинска влада, која тесно ќе соработува со Одборот за мир за да му помогне на палестинскиот народ“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушал“.

Тој додаде дека договорот истовремено треба да му ја обезбеди на Израел безбедноста што ја бара и им се заблагодари на Египет, Катар и Турција за посредувањето во преговорите.

Оружјето и израелското повлекување во повеќе фази

Според објавените информации, разоружувањето нема да се случи одеднаш, туку во внимателно утврдени фази. Како што Хамас и другите вооружени групи ќе го предаваат оружјето, израелската армија постепено би се повлекувала од Газа.

Безбедноста потоа треба да ја преземат меѓународни стабилизациски сили, заедно со нова палестинска полиција. Планот предвидува и воспоставување нова палестинска администрација која би управувала со Газа и би ја координирала обновата на уништената територија.

Извори од САД и од Одборот за мир тврдат дека Хамас го прифатил конечниот текст, вклучително и одредбата за целосно разоружување. Сепак, не е целосно јасно дали станува збор за политички договор, рамка за понатамошни преговори или за веќе правно обврзувачки документ.

Израел засега молчи

Израел сè уште нема објавено официјална потврда. Израелски претставник претходно ги оцени предложените услови како „незадоволителни“, што остава неизвесност околу спроведувањето на договорот.

Дополнителните детали и распоредот за секоја фаза треба да бидат договорени во наредните недели. Според процените на извори вклучени во процесот, целосната реализација на планот би можела да трае од 200 до 350 дена.

И покрај дипломатскиот пробив, насилството во Газа не запре. Во израелски напади во четвртокот загинаа најмалку шест Палестинци, меѓу кои и две деца, објави Ројтерс.

Договорот може да стане најзначајниот чекор кон трајно завршување на војната во Газа, но неговата судбина ќе зависи од тоа дали разоружувањето на Хамас и израелското повлекување навистина ќе се одвиваат истовремено и под меѓународна контрола.

Извор: Дојче веле

е-Трн да боцка во твојот инбокс