Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати препораки за заштита од високите летни температури и штетното ултравиолетово зрачење, при што посебно внимание се посветува на доенчињата и малите деца.
Според препораките, доенчињата помлади од шест месеци не треба да се мачкаат со креми за сончање. Наместо тоа, нивната кожа треба да се заштити со престој во сенка, носење лесна памучна облека, шешир со широк обод и целосно избегнување директна изложеност на сонце.
За постарите деца, ИЈЗ препорачува употреба на креми со висок заштитен фактор, кои треба да се нанесуваат околу 20 до 30 минути пред изложување на сонце и повторно на секои два часа, како и по капење или интензивно потење.
Стручните лица потсетуваат дека кремата за сончање не е единствената заштита. Подеднакво важно е да се избегнува престој на сонце во периодот од 10 до 16 часот, да се носи лесна светла облека, капа и очила за сонце со УВ заштита.
Лекарите предупредуваат дека кожата на доенчињата е многу чувствителна, а неколку сериозни изгореници од сонце во детството можат значително да го зголемат ризикот од појава на рак на кожа во подоцнежниот живот. Затоа, најдобрата заштита за најмалите останува избегнувањето на директно сонце и престојот во разладени и засенчени простори.