Цените на повеќето горива од полноќ се намалуваат, а најголемо поевтинување има кај дизелот и екстра-лесното масло за домаќинство.
Дизелот од полноќ ќе се продава по пониска цена, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати. Според РКЕ, цените во просек се намалуваат за 1,78 проценти, при што најголемо намалување има кај дизелот и екстра-лесното масло за домаќинство.
Литар дизел од полноќ ќе чини 89,50 денари, што е намалување од четири денари во споредба со досегашната цена.
Поевтинува и бензинот еуросупер БС-98, чија цена се намалува за половина денар и ќе изнесува 86,50 денари за литар.
Цената на еуросупер БС-95 останува непроменета. Тој и понатаму ќе се точи по 85 денари за литар.
Значително намалување има и кај екстра-лесното масло за домаќинство ЕЛ-1, кое од полноќ ќе се продава по 94 денари за литар, односно за 4,50 денари помалку од досега.
Единствено мазутот М-1 НС бележи благо поскапување. Новата цена ќе изнесува 49,968 денари за килограм, што е зголемување од 0,248 денари.