На југозападот на Македонија, помеѓу Пелагонија и Преспанската котлина, се издига Баба, планина што не се доживува само со поглед, туку со сите сетила. Националниот парк Пелистер, на Баба е основан во 1948 година како прв национален парк во државата и во поранешна Југославија, Пелистер денес е синоним за дивина, тишина и автентична природа.
Паркот се простира на над 17.000 хектари, со височини од 891 до 2.601 метар, а неговите врвови, езера и шуми создаваат пејзажи што се менуваат со секој чекор. Најпознат симбол е моликата, петтоигличестиот бор откриен од ботаничарот Август Гризебах, која токму тука формира најкомпактни шуми на Балканот. Мирисот на смола, шумолењето на игличките и сенката од високите стебла создаваат чувство дека времето забавува.

Пелистер е дом на повеќе од 1.300 растителни видови, меѓу кои и ретки ендеми како пелистерската качунка и поленатиот каранфил. Животинскиот свет е подеднакво богат, тука живеат кафеавата мечка, волкот, дивокозата и срната, а низ густите шуми некогаш тивко се движи и балканскиот рис, иако последен пат е фотографиран во 2013 година.
Но, во последните години, вниманието на посетителите го привлекува уште еден необичен жител, дивите коњи на Пелистер. Овие коњи, според локалните ренџери и истражувања на Национален парк Пелистер, не се автохтон див вид, туку потомци на некогашни домашни коњи кои биле напуштени или избегале и со време се прилагодиле на планинскиот живот. Денес тие живеат во мали стада, најчесто на повисоките пасишта, далеку од луѓе.

Нивната појава е впечатлива, силни, издржливи, со густа грива што се вее на планинскиот ветер. Ренџерите велат дека коњите се внимателни и се движат по сопствени патеки, а нивното присуство е уште еден доказ за живата динамика на екосистемот. Според податоци од регионални еколошки иницијативи и набљудувања на терен, бројноста варира, но стадата опстојуваат благодарение на природната селекција и адаптацијата.




Пелистерските „очи“ – Големото и Малото Езеро, се уште една неизбежна точка. Огледалната површина на водата, опкружена со карпи и шума, нуди мир што ретко се наоѓа. А меѓу нив, тивко, можеби ќе се појави силуета на див коњ, како потсетник дека оваа планина сè уште му припаѓа на дивото.
Ренџерската служба постојано патролира, поставува хранилишта во зима и следи движења на животните со камери, обидувајќи се да го зачува балансот. Пелистер не е само туристичка дестинација тој е жив систем што дише, се менува и опстојува.
И токму во таа мешавина од шума, карпи, езера и диви коњи, Пелистер ја раскажува својата најубава приказна, онаа за природата што сè уште е своја.