Истанбул може да стане нов финансиски центар наместо Дубаи

Истанбул би можел да го преземе дел од финансиската улога на Дубаи по војната на Блискиот Исток, вели директорот на Меѓународната енергетска агенција.

Доколку војната на Блискиот Исток заврши, регионот нема да изгледа исто како досега, а Турција би можела да добие значајна предност во новата геополитичка и економска реалност, оценува директорот на Меѓународната агенција за енергија (IEA), Фатих Бирол.

Говорејќи на форум во Анталија, Бирол истакна дека по завршување на конфликтите ќе следи период на големи промени, во кој инвеститорите и државите ќе бараат нови алтернативни центри за финансии и енергетика.

„Во економијата, политичкиот поредок и безбедносната архитектура на Блискиот Исток ќе дојде до сериозни потреси. Луѓето ќе почнат да бараат алтернативи“, изјави Бирол за турскиот „Хуријет“.

Тој посочи дека Турција има две клучни можности во идниот период – една во финансискиот сектор и друга поврзана со нафтата и енергетските текови.

Според него, во вакви услови Истанбул би можел да се позиционира како сериозна алтернатива на Дубаи, кој со години важи за главен финансиски и бизнис центар во регионот.

„Верувам дека постојат две важни алтернативи за Турција – една поврзана со финансиите и друга со нафтата“, додаде тој, нагласувајќи дека овие можности треба подетално да се анализираат во новиот геоекономски контекст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни