Општина Центар во текот на ноќта спроведе вонреден инспекциски надзор и донесе решение за демонтирање на бесправно поставените објекти. Станува збор за импровизирани тезги на кои се продавале бижутерија и сувенири, а по донесената мерка, лицата самостојно ги отстраниле.
Со оваа акција е расчистен еден од најфреквентните влезови во Старата чаршија, простор што подолго време бил заземен со нелегално поставени штандови. Со нивното отстранување повторно се ослободува преминот за пешаците и се подобрува изгледот на влезот во чаршијата.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека општината нема да дозволи јавниот простор да биде узурпиран со импровизирани објекти што го попречуваат движењето и го нарушуваат визуелниот изглед на овој дел од градот.
Акцијата е дел од поактивен пристап на Општина Центар кон одржување на јавниот ред и урбаното уредување, особено на локации со голема фреквенција на граѓани и туристи.
Од општината најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел да се зачува јавниот ред, безбедноста и препознатливиот изглед на градските простори.