Белградски овации за Дина Јашари и „Растенија без корен“

Македонската кантавторка Дина Јашари настапи пред белградската публика на платото пред Музејот на Југославија, во рамки на „Leto u MuzeYU“, точно една година по објавувањето на нејзиниот деби-албум „Растенија без корен“.

Со овации, силен емотивен прием и симболично трчање во три круга околу бината, Дина Јашари го одбележа својот настап во Белград, на платото пред Музејот на Југославија, како дел од деветтото издание на манифестацијата „Leto u MuzeYU“ по повод Денот на младоста.

Настапот се одржа точно една година по објавувањето на нејзиниот деби-албум „Растенија без корен“, а Дина го одбележа моментот со гест инспириран од традицијата на Денот на младоста и штафетата, трчајќи три круга околу бината. По симболичниот чин, публиката ја поздрави со долги овации.

Регионална сцена со добитници на „Милан Младеновиќ“

Во рамки на програмата настапија и хрватскиот состав „Немечек“ и српскиот бенд „Љубичице“, тројца добитници на регионалната награда „Милан Младеновиќ“. Дина Јашари ја освои оваа награда во 2022 година со песната „Дома“, со што дополнително се позиционираше како еден од најпрепознатливите млади авторски гласови во регионот.

Концертната вечер донесе силна регионална поврзаност, современ музички израз и неколку илјади посетители пред Музејот на Југославија. Белградската публика уште еднаш ја потврди отвореноста кон новата македонска музичка сцена, која преку Дина Јашари веќе одамна не звучи само локално.

„Растенија без корен“ продолжува низ регионот

Белградскиот концерт беше дел од регионалната турнеја на „Растенија без корен“, која претходно помина низ Љубљана и Подгорица. Турнејата продолжува и во Хрватска, во рамки на SURF Festival на островот Крк.

Со „Растенија без корен“, Дина Јашари создаде интимен, но отворен албум, кој лесно патува низ различни градови и публики. А белградските овации покажаа дека нејзините песни веќе имаат свој дом и надвор од Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс