Дијамантски прстен за Трамп од Антверпен отвори прашања за луксузните подароци и политичкото влијание

Белгиската дијамантска заедница од Антверпен му подари на Доналд Трамп масивен прстен со 321 дијамант, сафири, смарагди и рубини по повод 250-годишнината на САД.

елгиска компанија од Антверпен му подари на американскиот претседател Доналд Трамп масивен прстен од 18-каратно злато, украсен со стотици скапоцени камења.

Прстенот, наречен „Freedom 250“, е претставен како подарок по повод 250-годишнината од Соединетите Американски Држави, пишува CBS News.

На него се вградени 321 дијамант, 56 сафири, 13 смарагди и шест рубини. Дел од дијамантите ги формираат буквите „Т“, американското знаме и бројките „1776“ и „2026“, додека други ги врамуваат бројките 45 и 47 во форма што потсетува на логото на Супермен.

На прстенот има и орел со дијамантски крилја, рубински штит и смарагдна маслинова гранка.

Подарок од дијамантската заедница во Антверпен

Прстенот во Брисел му бил предаден на американскиот амбасадор во Белгија, Бил Вајт, кој треба да му го достави на Трамп.

Во однапред снимена видеопорака прикажана на настанот, Трамп им се заблагодарил на, како што рече, „пријателите од Антверпен“ за „величествениот прстен Freedom 250“.

Прстенот го предал Исидор Мерсел, претседател на Светскиот центар за дијаманти во Антверпен, во име на дијамантската заедница во белгискиот пристанишен град, кој важи за едно од најважните светски средишта за трговија со скапоцени камења.

Во внатрешноста на прстенот е изгравирана пораката: „Изработено во Антверпен за Доналд Џон Трамп“.

Подарокот доаѓа по укинување на царини

Подарокот привлекува внимание и поради тајмингот.

Тој доаѓа неколку месеци откако белгиската дијамантска индустрија успеала да обезбеди укинување на американските царини за увоз на дијаманти.

Во септември, Светскиот центар за дијаманти во Антверпен објави дека е обезбедена нулта увозна царина за годишниот извоз на полирани дијаманти од Антверпен во САД, вреден повеќе од две милијарди долари.

Портпарол на здружението изјавил дека организацијата дала придонес до Европската комисија за време на преговорите со администрацијата на Трамп за царинскиот договор во 2025 година, но дека не лобирала директно кај американската администрација.

Вредноста се проценува до 35.000 долари

За изработка на прстенот бил ангажиран Давид Готлиб, познат златар од Антверпен.

Ниту Светскиот центар за дијаманти во Антверпен, ниту Готлиб не сакале да ја проценат вредноста на прстенот.

Сепак, двајца независни златари за AP процениле дека неговата вредност се движи меѓу 25.000 и 35.000 долари.

Консултантот за накит Александар Левинсон ја пресметал вредноста на 25.928 долари, додека канадскиот златар Давид Саад ја проценил меѓу 33.000 и 35.000 долари.

Според нивните процени, околу половина од трошокот отпаѓа на материјалите, а половина на изработката.

Прашања за етика и прифаќање подароци

Американските претседатели имаат значителна слобода при прифаќање подароци од домашни и странски извори, но можат да одлучат дали подарокот е наменет за нив лично или за државата.

Исклучок се подароци од странски влади, кои според американскиот Устав не можат да се прифатат без согласност од Конгресот.

Личните подароци треба да бидат наведени во годишната финансиска пријава на претседателот.

Според извештаите, дел од експертите за етика во САД сметаат дека Трамп ја прекинал долгогодишната практика на Белата куќа да избегнува прифаќање ваков тип подароци.

Прослава во Брисел со големи спонзори

Прстенот бил претставен на прослава во Брисел, каде американската химна ја испеала Алексис Вилкинс, девојката на директорот на ФБИ, Каш Пател.

Амбасадорот Бил Вајт изјавил дека за прославата на 250-годишнината биле собрани повеќе од 5,5 милиони долари од корпоративни спонзори.

Меѓу спонзорите биле одбранбени компании како Lockheed Martin и Northrop Grumman, технолошки компании како Intel, Google и Meta, како и европски производители на чоколадо, меѓу кои Leonidas и Ferrero.

Светскиот центар за дијаманти во Антверпен потврдил дека финансиски придонел за настанот.

Според официјален претставник на Белата куќа, прстенот сè уште не му бил врачен на Трамп, па неговата конечна судбина засега останува нејасна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс