Дигиталното евро доаѓа во Европа: Нов начин на плаќање од 2029 година, готовината останува

Европскиот парламент го отвори патот за дигиталното евро. Новата електронска валута на ЕЦБ треба да донесе побрзи плаќања, поголема приватност и бесплатни основни услуги.

Европа направи нов чекор кон воведување на дигиталното евро, електронска форма на пари што ќе ја издава Европската централна банка (ЕЦБ). Европскиот парламент ја усвои преговарачката позиција за започнување разговори со Советот на ЕУ, со што проектот влегува во нова фаза. За дигиталното евро се предвидува да функционира како дополнување на готовината, а не како нејзина замена. Европратениците инсистираат граѓаните и понатаму да имаат право да користат физички пари, а трговците во еврозоната да не можат произволно да одбиваат плаќања во готовина.

За отворање на преговорите гласаа 416 европратеници, 169 беа против, а 22 воздржани.

Како ќе функционира дигиталното евро?

Дигиталното евро ќе биде електронска валута под контрола на ЕЦБ и ќе може да се користи за секојдневни плаќања – во продавници, онлајн и меѓу корисници.

Системот ќе овозможува: онлајн плаќања преку посебна дигитална сметка,офлајн трансакции, слични на користењето готовина, бесплатни основни платежни услуги и користење без потреба од комерцијални посредници за одредени трансакции.

Еден од главните приоритети на Европскиот парламент е заштитата на приватноста. Според предлогот, трансакциите треба да можат да се потврдат без откривање непотребни лични податоци, а ЕЦБ нема да има директен пристап до информации што би можеле да ги идентификуваат корисниците.

Ограничувања за зачувување на финансиската стабилност

Предлогот предвидува ограничување на количината дигитални евра што граѓаните ќе можат да ги поседуваат. Целта е да се спречи масовно префрлање средства од традиционалните банки кон дигиталната валута, што би можело да влијае врз финансискиот систем.

Дигиталното евро нема да носи камата, ниту ќе се исплаќа камата на средствата што ги поседуваат корисниците. Компаниите нема да можат трајно да чуваат дигитални евра, освен краткорочно – до 24 часа – додека ги обработуваат добиените плаќања.

Кога ќе пристигне дигиталното евро?

Според актуелниот план, пред воведувањето ќе следуваат техничка подготовка, изградба на инфраструктура и пилот-проекти. Првите тестирања се планирани за 2027 година, а доколку процесот продолжи според планот, дигиталното евро би можело да стане достапно за граѓаните за секојдневни плаќања од 2029 година

Европскиот парламент оценува дека дигиталното евро ќе ја зајакне независноста на европскиот платежен систем и ќе овозможи подобра поврзаност меѓу различните начини на плаќање. Идејата е граѓаните да имаат избор – да плаќаат со готовина, со картички или со новата дигитална валута, без еден начин на плаќање целосно да го замени другиот.

Дигиталното евро претставува еден од најголемите финансиски проекти на Европската унија во последните години и може значително да го промени начинот на кој милиони луѓе плаќаат во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс