Во вторник на 5 ноември во 18:00 часот во Мала сала во Центарот за култура во Куманово, ќе се одржи детската театарска претстава ,,Разгалениот принц”.
Се работи за детска комедија која изобилува со многу едукативни и педагошки елементи кои се од особено значење за децата. Целото дејствие се случува во дворецот на принцот кој има исклучителен специфичен карактер и однесување кон повозрасните, врсниците и средината. Неговото однесување во дворецот и во околината е неправилно бидејќи тоа воопшто не доликува на еден принц, кој треба да биде пример за сите. Низ низата комични ситуации кои се создаваат со однесувањето на принцот кон својот татко кралот, дадилката и околината се покажува дека таквото однесување не е дозволено, а при тоа и се укажува дека секое дете има свои права, но пред се и обврски кои мора да ги знае и исполнува. Смислувајќи мноштво на начини кралот со дадилката, а и децата од публиката ќе успеат да дојдат до целта, да го променат принцот и да го научат на неговите вистински права, но и на неговите обврски кон своите врсници, повозрасните, а и кон целата околина.
Интерактивниот момент на оваа претстава е особено запазен, бидејќи сакаме со тоа децата од публиката да ги потикнеме на целосна активност за време на претставата.
Адаптација и режија: Ристовски Сашо, костимографија и сценографија: Диди
Играат: Магдалена Ризова-Черних, Сашо Ристовски и Бранко Атанасов.