Дидие Дешам последен пат се обрати пред медиумите како селектор на Франција по поразот од Англија во спектакуларниот меч за бронзата. Францускиот стратег не ја криеше разочараноста, но истакна дека е горд на реакцијата на тимот во второто полувреме.
„Подобро ќе беше да завршевме како трети, но тоа не беше возможно по катастрофалното прво полувреме. Малку се налутив. Благодарение на гордоста и карактерот, речиси се вративме во натпреварот кој изгледаше изгубен“, изјави Дешам.
„Требаше да изберам поинаку“
Францускиот селектор ја презеде одговорноста за лошиот старт и призна дека можел да донесе поинакви одлуки при изборот на составот.
„Требаше да изберам поинаку уште од почетокот, слободно напишете го тоа. Можеби тогаш сè ќе одеше подобро. Јасно е дека некои играчи можеа да одиграат подобро“, рече Дешам.
Тој објасни дека решил да ротира дел од составот бидејќи некои фудбалери имале мала минутажа на турнирот.
„Тоа беа играчи кои играа малку или воопшто не играа. Тешко е веднаш да се достигне вистинското ниво, но не очекував да имаме толку многу проблеми.“
На полувремето Франција губеше со 4:0, а Дешам направи четири измени.
„Можев да сменам осум играчи, но веќе направив четири измени. Добро е што тимот реагираше така“, додаде тој.
Крај на 14-годишната ера
По повеќе од една деценија на клупата на Франција, Дешам призна дека заминувањето е емотивен момент.
„Првпат си реков: ова го правиш последен пат. Добив многу пораки, а две или три ме расплакаа. Ова е крај на периодот кој беше најубавиот дел од мојата работа.“
Дешам потсети дека репрезентацијата ја презеде во 2012 година и дека секогаш ја ставал над индивидуалните интереси.
„Играчите можат да настапуваат за најголемите клубови во светот, но ништо, апсолутно ништо не е над репрезентацијата. Гордеам што толку долго ѝ служев и што ја оставам на врвот.“
Пофалби за Мбапе и порака до Зидан
Посебно внимание му посвети на капитенот Килијан Мбапе, кој на турнирот стана најдобар стрелец во историјата на светските првенства.
„Килијан е извонреден играч. Сликата што јавноста ја има за него не одговара на тоа каков човек е. Беше одличен капитен и воопшто не жалам што му ја дадов таа улога.“
За својот наследник Зинедин Зидан, Дешам порача дека Франција има светла иднина.
„Има голем потенцијал, тука се одлични играчи кои ќе растат низ ова искуство. Постојат сите услови Франција да остане на врвот.“
Заминува на одмор, иднината ќе почека
Дешам откри дека прво ќе се посвети на семејството и одморот, а потоа ќе размислува за следниот чекор.
„Сега планирам да одам на одмор и да бидам со семејството. Потоа ќе видиме. Потрошив многу енергија и морам прво да се опоравам.“
На крајот додаде: „Од сега ќе бидам само тивок навивач на репрезентацијата.“