Радовиш петти ден се гуши под чад од депонијата, општината апелира на претпазливост

Надлежните служби работат на локализирање на пожарот, а на граѓаните им се препорачува да ги држат прозорците затворени, да избегнуваат активности на отворено и да побараат лекарска помош при симптоми.
Фото: МИА

Депонијата во Радовиш гори петти ден, а иако во последните два дена, според градоначалникот Љупче Почивалец, нема отворен оган туку само чад, надлежните служби сè уште работат на целосно локализирање и санирање на запалените површини.

На терен е ангажирана механизација која врши насипување со земја за да се спречи понатамошно ширење и повторно разгорување на пожарот. Општината, во консултација со лекарите од Центарот за јавно здравје – Штип, апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита на здравјето.

Жителите се советуваат да избегнуваат непотребен престој на отворено, особено во периодите кога чадот е најинтензивен. Препораката е прозорците и вратите во домовите и работните простории да останат затворени, а клима-уредите и системите за вентилација што внесуваат надворешен воздух да не се користат.

Од општината апелираат граѓаните да не доаѓаат во контакт со отпад или предмети од погоденото подрачје и, доколку мора да излегуваат, да користат заштитни маски од типот FFP2, FFP3 или N95. Се препорачува и избегнување спортски и рекреативни активности на отворено, како и престој на деца во дворовите на училиштата и градинките.

Посебна претпазливост се препорачува за децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања. Доколку кај граѓаните се појават симптоми како отежнато дишење, кашлица, печење во очите или вртоглавица, надлежните советуваат веднаш да побараат медицинска помош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс