Утре се одбележува Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

На 24 мај се одбележува Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и култура.

Утре се одбележува Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и литература и едни од најзначајните личности во културниот развој на словенските народи.

Поради нивното големо дело и придонесот во ширењето на христијанството, Светата црква ги прогласила за рамноапостоли, односно рамни на апостолите.

Иако светите браќа имаат и посебни празници на деновите на нивното упокојување, Свети Кирил на 27 февруари, односно 14 февруари по стар стил, и Свети Методиј на 19 април, односно 6 април по стар стил, нивниот заеднички празник се одбележува на 24 мај.

Кирил и Методиј се родени во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Нивниот татко Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледно семејство.

Најзначајна во нивното дело е Моравската мисија, која имала огромно значење за иднината на сите словенски народи. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој побарал од Византија учители што ќе го проповедаат Божјото слово на разбирлив словенски јазик.

Бидејќи Словените во тоа време немале свои букви, Кирил ја составил првата словенска азбука – глаголицата. За првите преводи од грчки на словенски јазик го искористил говорот на македонските Словени од Солун и околината.

Кирил починал во Рим во 869 година, а неговите мошти денес почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал во 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.

По смртта на Методиј, неговите ученици останале без заштита. Дел од нив биле прогонети, а светите Климент и Наум го продолжиле делото на своите учители на брегот на Охридското Езеро, во древниот град Охрид.

Во согласност со Законот за празниците, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс