Ден на кафето: кој заработува од еспресото од 100 денари?

Годинава 1 октомври за првпат е официјален ден на ОН посветен на кафето. Цените на берзите паднаа од рекордот, но во македонските кафулиња кафето останува поскапо, додека земјоделците и понатаму добиваат најмал дел од вредноста.

Годинава 1 октомври за првпат е Ден на кафето на ОН. Генералното собрание на 10 март 2026 година ја усвои резолуцијата предложена од Бразил, со 150 гласа „за“, еден „против“, од САД, и едно воздржано гласање, од Канада. Меѓународната организација за кафе го одбележува овој ден уште од 2015 година, кога прославата беше лансирана на Светската изложба во Милано, но дури сега тој доби статус на ден на ОН.

Резолуцијата го поврзува кафето со борбата против гладот, намалувањето на сиромаштијата, зајакнувањето на жените и достоинствената работа. Тоа не е случајно. Кафето е пијалак на богатите, но производ на сиромашните.

Милиони земјоделци зад секоја шолја

До 25 милиони земјоделски домаќинства произведуваат околу 80 отсто од светското кафе. На другиот крај од синџирот, секој ден во светот се испиваат околу 2,25 милијарди шолји кафе. Светската индустрија на кафе остварува повеќе од 200 милијарди долари годишно, а во 2024 година биле произведени над 11 милиони тони кафе, од кои околу 8 милиони тони завршиле во меѓународната трговија.

Меѓу тие две бројки милионите земјоделци и милијардите долари, се наоѓа одговорот на прашањето кој навистина заработува.

Рекордни цени, но не за сите

Изминатите две години беа меѓу најбурните во историјата на пазарот на кафе. Во февруари 2025 година цената на арабиката на берзите достигна рекордни околу 4,40 долари за фунта. Оттогаш цената падна: во август 2026 година композитната цена на Меѓународната организација за кафе изнесуваше 287,29 центи за фунта, речиси непроменета во однос на јули.

Логично би било рекордните цени да им донесат поголеми приходи на земјоделците. Но годишниот Барометар на кафето за 2026 година покажува поинаква слика. Високите цени ретко носат трајно подобрување за земјоделците, бидејќи откупните цени растат побавно од малопродажните, а паѓаат побрзо кога пазарот ќе се сврти.

Проблемите што ниските цени ги прават толку погубни тенките маржи, скапите инпути и климатската ранливост не ги реши ниту последниот скок на цените. Барометарот нуди и сурова дијагноза: многу е полесно да се подобри следливоста, да се обучат земјоделците или да се дизајнира сертификат, отколку да се промени начинот на кој вредноста, ризикот и моќта се распределуваат низ синџирот.

Добитници, сепак, има. Виетнам, вториот најголем производител на кафе во светот, во 2025 година оствари рекордни 8,92 милијарди долари приходи од извоз на кафе.

Македонија: 100% увоз

Македонија не произведува кафе. Земјата е целосно зависна од увоз, па секое движење на берзите се чувствува и во продавниците и во кафулињата. Од јануари до август 2025 година просечната цена на килограм кафе кај нас се зголеми за речиси 180 денари.

Поскапувањето стигна и до кафулињата. Во Струга еспресото чини од 50 до 80 денари, а во Скопје, на периферијата, еспресото чини 80, а макијатото 90 денари. Во центарот цените се уште повисоки. Кога берзите паднаа од рекордот, цените во кафулињата не паднаа со нив. Тоа е истата асиметрија што ја опишува Барометарот, само пресликана на нашата маса: цените лесно се качуваат, а тешко се спуштаат.

Кафето, шумите и новите правила

На хоризонтот е и уште една промена. Европската регулатива против уништувањето на шумите, која ќе бара доказ дека кафето не е одгледано на земјиште добиено со уништување шуми, по одложувањето треба да почне да се применува на 30 декември 2026 година. За малите земјоделци, кои немаат средства за сателитски мапи и сертификати, тоа може да значи нова бариера до европскиот пазар, ако товарот повторно се префрли врз нив.

Следниот пат кога ќе платите 80 денари за еспресо, вреди да се запрашате колку од тие пари стигнале до рацете што го набрале зрното. Одговорот, најчесто, е: многу малку.

е-Трн да боцка во твојот инбокс