Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани, останува во притвор. Основниот кривичен суд Скопје денеска му определи нова мерка во траење од 30 дена, во рамките на истрагата за давање поткуп.
Судот го прифати предлогот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поради опасност од бегство и основан страв дека Јованов може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци. Одлуката беше донесена по неговото произнесување во присуство на бранител и по разгледувањето на приложените докази.
Новата мерка ќе почне да се извршува на 3 октомври, кога истекува законскиот рок за притворот во предметот за пожарот во „Пулс“. Јованов ќе биде префрлен од Затвор Куманово во Затвор Скопје.
Во новата истрага тој е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да обезбеди лиценца за угостителска дејност. Според Обвинителството, Јованов не поднел барање за лиценца и знаел дека објектот не ги исполнува законските услови.
Обвинителството соопшти дека продолжува да прибира докази за дејствијата на поткуп. Службеното лице осомничено дека ги примило парите веќе е обвинето и против него се води постапка за примање поткуп.
Одбраната денеска го повлече предлогот за укинување на притворот во предметот „Пулс“ со гаранција од околу 200.000 евра во недвижен имот. Судот потсети дека законскиот максимум за досегашниот притвор, една година по оценувањето на обвинителниот акт, истекува утре.
Против новото решение одбраната има право на жалба, по која ќе одлучува Кривичниот совет.