Дехидрацијата го намалува волуменот на крвта, а телото реагира со стеснување на крвните садови и задржување натриум за да го врати притисокот, објаснува д-р Џасинта Анјоку, сертифициран специјалист за гојазност. Долгорочно, тоа дополнително го оптоварува срцето. Доволната хидратација, спротивно, помага да се одржи нормален волумен на крвта и добра циркулација.
Пиењето повеќе вода може да помогне во намалување на крвниот притисок, особено кај луѓе кои се хронично дехидрирани. Дехидрацијата предизвикува недостатог на вода и зголемена концентрација на натриум во крвта, што го активира хормонот вазопресин. Тој заедно со бубрезите се обидува да задржи вода во организмот, но истовремено ги стега и стеснува крвните садови, што го крева притисокот.
Кога човек пие вода, тој пораст на притисокот може да се намали и вредностите да се вратат кон нормала. „Кога сте добро хидрирани, телото нема потреба да ги активира механизмите на надокнада кои се јавуваат при дехидрација“, вели Анјоку. „Тоа им овозможува на крвните садови да бидат поопуштени, што пак го намалува крвниот притисок.“
Доволниот внес на вода не само што може да помогне да се намали притисокот туку може да го намали и ризикот од развој на хипертензија. Голема долгорочна студија објавена во списанието Frontiers in Public Health следела возрасни лица во период од девет години и покажала дека оние кои пиеле шест или повеќе чаши обична вода дневно имале помал ризик од развој на хипертензија во споредба со оние кои пиеле една чаша или помалку.
Скоро половина од возрасните лица во САД имаат хипертензија, дефинирана како систолен притисок над 130 mmHg или дијастолен над 80 mmHg. Високиот крвен притисок го зголемува ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар. На него влијаат генетиката, исхраната, физичката активност и животните навики. Нутриционистката Патриша Колеса додава дека зголемениот внес на течности долгорочно помага во исфрлањето на натриум од организмот, што го намалува притисокот.
Иако пиењето вода најчесто придонесува за здрав притисок, постојат ситуации кога тоа привремено го крева, што всушност може да биде корисно. Некои луѓе доживуваат пад на притисокот кога стануваат од седечка положба, што предизвикува вртоглавица. Ова е особено изразено кај луѓе со ортостатска хипотензија, состојба во која систолниот притисок може да падне за 20 mmHg или повеќе, а дијастолниот за 10 mmHg или повеќе во рок од три минути по станувањето.
Во такви случаи, брзо испиени 300 до 500 милилитри вода можат да помогнат притисокот повторно да се крене. Истиот привремен ефект може да се јави и кај здрави луѓе, бидејќи брзото пиење вода ја зголемува зафатнината на крвта и го активира симпатичкиот нервен систем, кој ги стега крвните садови.
Експертите препорачуваат неколку конкретни чекори. Јадење храна богата со вода, како лубеница, краставица, портокал и јагоди, дополнително обезбедува калиум. Носење шише за вода помага да се пие редовно, а потсетниците на телефон се корисни за оние кои забораваат. При интензивно потење треба да се внимава на количината натриум во напитоците со електролити.
За општо здрав притисок, ДАШ исхраната, редовната физичка активност (дури и кратка прошетка од 10 до 15 минути), готвењето дома наместо во ресторан и внесот на калиум преку компир, домат, банани, грав и портокали се дополнителни фактори. „Калиумот ги ублажува ефектите на натриумот, помагајќи да се исфрли вишокот преку урина и намалувајќи ја напнатоста во крвните садови“, вели Колеса.