ЕУ забранува лични профили за деца под 15 години на социјалните мрежи

Предлогот EU Kids Act предвидува целосна забрана под 13 години и обврска за технолошките гиганти самите да докажат безбедност.

Европската комисија утре официјално ќе го предложи законот EU Kids Act, со кој се воведува целосна забрана за социјални мрежи за деца под 13 години и се укинуваат самостојните кориснички сметки до 15 години. Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во годишното обраќање пред Европскиот парламент порача дека Брисел го превртува товарот на докажување врз големите технолошки платформи за да го спречи дигиталното заробување на најмладите.

Новиот законски пакет дефинира три старосни категории со строго прилагодено ниво на заштита за секоја група. За децата под 13 години пристапот до социјалните мрежи целосно се затвора.

За тинејџерите од 13 до 15 години правилата дозволуваат исклучиво таканаречени мини-профили што ќе ги отвораат и контролираат исклучиво родителите. Овие сметки ќе имаат лимитирани функции и строго ограничено време на користење во текот на денот. За корисниците од 15 до 18 години платформите ќе мора задолжително да вградат безбедносен дизајн што исклучува манипулативни алгоритми.

„Платформите ќе мора да докажат дека се безбедни. Не станува збор за тоа како малолетниците пристапуваат до социјалните мрежи, туку кога и како им дозволуваме на мрежите пристап до малолетниците“, истакна Фон дер Лајен.

Фон дер Лајен се осврна на податоците според кои младите Европејци поминуваат од четири до шест часа дневно пред екраните, што доведува до нарушување на сонот, анксиозност и самоповредување. Таа отворено го спомена случајот на 14-годишната Олеа од Белгија, која си го одзеде животот пред еден месец како жртва на сајбер насилство.

Брисел најави дека нема да толерира функции што создаваат зависност кај децата, екстремни содржини и злоупотреба на фотографии од малолетнички за генерирање сексуални слики со вештачка интелигенција.

Посебен панел експерти веќе ги анализираше сличните регулативи во Австралија, врз чија основа се гради европското законско решение. За пошироката јавност, Комисијата наесен ќе претстави и дополнителен закон за дигитална правичност (Digital Fairness Act).

Додека земји како Франција, Норвешка и Австрија веќе почнаа индивидуално да тестираат национални граници, предлогот EU Kids Act поставува унифициран европски стандард.

е-Трн да боцка во твојот инбокс